Анкета: АВМУ и АЕК непрепознатливи за граѓаните
За Агенцијата за ауди и аудио визуелни медиуми слушнале нешто помалку од 20 проценти од граѓананите, а за Агенцијата за електронски комуникации околу 30 проценти, посочуваат резултатите од завршниот мониторинг извештај за работата на овие две регулаторни тела.
Ова го покажуваат резултатите од анкетатата спроведена од Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“.
За Билјана Бејковска од НВО-Инфо центарот еден од најголемите предизвици досега, но и во наредниот период е тоа што не само овие две регулаторни тела, туку воопшто сите регулаторни тела треба да бидат независни од сите политичко-правни и економски центри на моќ.
– Потврда за ова е и нашето последно истражување на јавното мислење каде што поголемиот дел од граѓаните АВМУ и АЕК не ги перципираат како независни тела, туку сметат дека, да речеме, нивните раководни лица се избрани заради блискоста со определена партија, вели Бејковска.
Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, потребна е деполитизација и департизација на АВМУ и АЕК со избор на членови кои ќе бидат професионални експерти, а тоа е и целта на измените на Законот за АВМУ.
– Едно е кога зборуваме за деполитизација и департизација на независните регулторни тела не можеме а да не правиме муабет за жанровски кажано „големиот бел слон во собата“. Одредени членови и на Советот на Агенцијата и на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации и на Програмскиот совет на МРТ се поранешни или сегашни високи партиски функционери, имаме меѓусебни родбински врски, имаме разни видови на конфликти на интереси. Затоа влеговме во процес во којшто даваме шанса независни, професионалци, експерти да бидат членови на овие тела. Ние политичарите, политичките партии да ги тргнеме рацете конечно од независните регулторни тела. И тука никакви други механизми нема да го дадат резултатот колку што ќе го даде контролата на јавноста, граѓаните, рече Манчевски.
Главната цел на измените, како што рече, е процесот на номинација и на избор на кандидати за кој било од независните регулаторни тела да биде јавен и транспарентен.
– Граѓаните ќе знаат пред да се изврши изборот кои се кандидатите, а не отпосле. Граѓаните ќе бидат вклучени во изборот на членовите, нема да го разбираат преку медиумите следните денови. Предлагаме дека во процесот, процедурата на избор ќе бидат вклучени сите, ќе има надзорна расправа во Собранието на која што ќе бидете присутни сите и јавноста, и граѓанскиот сектор, и експертите, и пратениците итн. Кој и да се кандидира за член на овие независни регулаторни тела ќе треба да излезе со име и со презиме, со биографија да каже што направил до тогаш, да го презентира својот план за работа и сите тоа да го видиме и сите да ги знаеме тие луѓе, рече Манчевски.
Телефонската анкета е спроведена од 2 до 23 март на репрезентативен примерок од 1043 испитаници. Завршниот извештај од мониторингот ќе биде употребен за приближување на надлежности на овие две регулаторни тела до граѓаните.