Англија се подели: Манекенка од 130 кг на насловницата на „Космополитен“
Англија– Британското издание на списанието „Космополитен“ ја отстапи насловната страница за манекенката Тес Холидеј, која со 130 килограми и височина од 165 сантиметри се смета за најдебелата професионална манекенка на светот.
– Уау, јас сум сега буквално „Космо-девојка“. Не ми се верува дека го велам тоа. Ви благодарам, „Космополитен“. Доколку видев тело како моево на ваша насловна страница додека бев помлада, тоа ќе ми го променеше животот, напиша Тес на Твитер, објавувајќи ја насловната страница од списанието што веќе е во продажба.
Тес Холидеј, инаку мајка на две деца, важи за една од „најкрупните модели“ во овој вид шоу-бизнис, и нејзина мисија во животот е да ги урива предрасудите кон полните девојки и жени.
Британскиот водител на утринската програма “Good Morning Britain”, Пирс Морган, жестоко “удрил” по плус сајз моделот Тес Холидеј, поточно по креативниот тим на списанието кој ја одбрал оваа дама за насловната страница.
“Додека Британија се бори со се’ поголема криза на дебелеење, ова е новата насловна страница на “Cosmopolitan”. Очигледно е дека ова треба да се гледа како “огромен чекор кон позитивниот поглед кон телото”. Какви глупости…Оваа насловна е толку опасна и погрешна, исто како и славењето на модели чиј конфекциски број е 0″, напишал водителот на социјалната мрежа.
Реакциите за ваквата објава се поделени во Англија- многумина се сложиле со 53-годишниот водител дека ваквиот изглед е нездрав, но помеѓу коментаторите се нашле и оние кои го осудиле поради неговата изјава.