Александар Поповски поднесе оставка од местото претседател на УО на МНТ
Режисерот Александар Поповски денеска на прес-конференција соопшти дека поднесува оставка од местото претседател на Управниот одбор (УО) на Македонскиот народен театар (МНТ) затоа што, како што рече, неговата работа во тоа тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции не се произнесуваат и не реагираат на појавите што се причина за неговото повлекување.
Рече дека со в.д. директорката Симона Угриновска заедно се обидуваат, но залудно, да направат нешто за подобро функционирање на театарот.
– Речиси една година откако е формиран овој Управен одбор се уште нема ниту блага назнака за тоа кога би се распишал конкурс за нов директор. Ова не става во ситуација кога почнуваме да спасуваме сезона по сезона без да се воспостави јасна визија што сакаме со оваа куќа која треба да биде огледало, носител и пример на драмската уметност во земјата. Една сезона е зад нас и мислам дека е недозволиво уште една сезона да помине со недефинирана мисла и програма, рече Поповски.
Тој посочи дека не било можно да се назначи уметнички раководител на МНТ во текот на целата измината година поради нејасен статус на работното место на Дејан Пројковски кој по поднесената оставка на местото директор, во систематизацијата на МНТ фигурира и како режисер и како уметнички директор.
– Платата која ја прима е за позицијата уметнички директор, а според решение кое не е одобрено од Управниот одбор фигурира на местото режисер кое не постои, рече Поповски, додавајќи дека постои проблем во систематизацијата и вработувањата и има, како што рече, безброј нелогичности со што дополнително се парализира работат на МНТ.
Покрај тоа, нивната работа, како што рече, била отежната и од нерасчистена ситуација во однос на моменталните финансиски обврски на МНТ кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки и услуги и обврски за комуналии во периодот 2015-2017 година. Според него, постои основ на сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра.
По барање на Управниот одбор и по независна ревизија на работата побарана од сегашниот в.д. директор Симона Угриновска утврдена е оваа сума од страна на правната служба на МНТ и од страна на независната ревизија. За оваа ситуација го известивме Министерството за култура и службите на МВР. Ние не сме тие кои можат да направат проценка дали во овој случај има злоупотреба и затоа документите ги предадовме на надлежните институции, истакна Поповски на прес-конференцијата.
Неговата оставка е лична и е во координација со в.д. директорката Угриновска, а четворицата членови на УО (Петар Арсовски, Зоја Бузалковска, Драгана Костадиновска и Нина Николиќ), како што рече Поповски, се согласуваат, но решиле да останат во Одборот и да се борат преку институциите.
– Влегов со искрена намера да помогнам оваа куќа да порасне, но не сакам да бидам дел од нејзиното тонење. Мојата лична оставка нека биде почеток за отворање сериозна дебата за културата во Македонија и повод новиот министер за култура да се заинтересира за оваа состојба. Во културата треба да се мрднеме од местото каде што сме затоа што сега одиме по инерција, рече Поповски.
На новинарско прашање до в.д. директорката Угриновска кој ќе го замени Поповски на челното место на нивниот УО, рече дека за тоа не одлучува МНТ, туку претседателот и членовите се делегирани од Министерството за култура.
Поповски, кој од неодамна е уметнички директор на Охридско лето, добил покана да биде уметнички директор на Словенско народно гледалишче во Марибор, но вели дека тоа не влијае на неговата одлука да замине од МНТ.