Во исчекување на законот за јазиците и судските случаи, можна ли е уште една албанска пролет?

Палењето на знаме не е исто како да запалиш вратоврска, туку како да ги „погазиш“ чувствата на милиони луѓе кои се дел од големото европско семејство, смета аналитичарот Ќенан Алиу

Македонија, но и земјите од Балканот се наоѓаат пред многу сензитивен политички период во кој треба да се решат многу крупни прашања. Според последните изјави на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и домашните политички партии, но и според дел од аналитичарите, Македонија е пред изнаоѓање решение на 27-годишниот спор за името со Грција, со што би се решила единствената пречка за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ. Но пред влезот во НАТО и започнувањето на преговори за влез во ЕУ, Македонија треба да реши неколку „домашни задачи“, меѓу кои итните реформи, имплементација на законот за употреба на јазиците и целосното расчистување на судските случаи кои, според албанскиот блок на партии, се политички монтирани. Од опозициската партија Алијанса за Албанците не ја исклучуваат можноста Албанците преку протести да го искажат револтот за неправдите и за нив да го алармираат меѓународниот фактор.

„Алијансата за Албанците, како најголема опозициска партија, со големо внимание ги следи политичките процеси, посебно евроатланските процеси и реформите. Ќе го поддржиме секој закон што овозможува позитивно движење на Македонија и закони што ќе бидат од голема помош за доброто на граѓаните, посебно за Албанците, во смисла на политичката благосостојба во земјава. Во случај на оддалечување од овој пат или во случај да не се исполнат барањата на граѓаните, како што се реформите во судството, владеење на правото, имплементирање на законот за албанскиот јазик, демонтирање на монтираните случаи, делбата на буџетот, ние ќе бидеме бескомпромисна опозиција која преку сите демократски средства, вклучувајќи ги и протестите, ќе го алармира меѓународниот фактор за можните неправди што би се случиле во Македонија“, изјави Беџети.

Протестите не ги исклучува ниту сопственикот на весникот „Лајм“, Фејзи Хајдари, кој смета дека Албанците треба да протестираат во Мала Речица бидејќи оттаму произлегуваат најголемите неправди.

„Дефакто не се исклучува можноста за нови протести во иднина. Но јас мислам дека освен политичката партија која веќе 10 години е дел од владата, никој друг не е виновен за состојбата на Албанците во Македонија. Пред да протестираат на друго место, Албанците треба да протестираат пред канцелариите на Али Ахмети во Мала Речица, бидејќи токму на таа адреса може да се пронајде виновникот за неправдите кон Албанците. Но тие треба да бидат внимателни кога организираат протести бидејќи Македонија се наоѓа пред портите на НАТО. Секако мислам дека Албанците не треба да очекуваат некој друг да им ги реши проблемите, но се плашам дека некој од неалбанскиот круг може протестите да ги одведе во друг правец, и затоа повикувам на претпазливост“, рече Хајдари.

Ниту аналитичарот Ќенан Алиу не ја исклучува можноста за радикализација на политичката состојба во Македонија. Алиу го осуди палењето на знамето на Европската Унија и истовремено оваа година ја оцени како клучна година во која Албанците нема повеќе да бидат заложници на интересите на македонските партии.

„Јас не го делам мислењето дека Македонците имаат за цел да направат тензична атмосфера. Но ова не мора да значи дека македонската опозиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ не би се синхронизирала во поддршка на евентуално радикализирање на политичката ситуација во земјава. Исто така, јасно е дека македонската опозиција во моментов нема вистинска сила за да ја постигне горенаведената цел и да стане посериозна пречка за процесите на државата, но не ја исклучувам можноста ВМРО-ДПМНЕ сериозно да им наштети на македонските политички процеси. Палењето на знамиња не е исто како да запалиш кравата, туку е исто како да ги погазиш чувствата на милиони луѓе што се дел од големото европско семејство. Не дека Европската Унија и нејзината бирократија се недопирливи, туку поради фактот дека наша цел е ние да станеме дел токму од тоа семејство. Оваа година е година на големи политички пресврти, бидејќи Албанците нема да дозволат на патот кон целосната интеграција да бидат заложници на коруптивните интереси на македонските партии“, рече Алиу.

Блерим Исмаили