Албанската ЦИК ги соопшти имињата на новите опозициски пратеници

Албанската Централна изборна комисија вечерва ги соопшти имињата на новите опозциски пратеници кои треба да го заземат местото на оние кои претходно се откажаа од мандатите.

Станува збор за 57 пратеници од редовите на Демократската партија на Љуљзим Баша и Социјалистичкото движење за интеграција на Моника Круемади кои се на изборните листи на споменатите партии, редоследно по оние кои се откажаа.

Доколку се согласат, тие ќе станат дел од албанскиот законодавен дом.

Тиранската телевизја „Топ чанел“ контактирала со повеќето од кандидати. Едни изјавиле дека нема да го прифатат мандатот, дел било невозможно да се контактираат, додека некои одбиле да зборуваат за тоа кој став ќе го заземат, што значи, оценува телевизијата, дека тие можеби нема да ја следат одлуката на матичните партии.

Оние кои ќе одлучат да го прифатат мандатот имаат рок од 10 дена од известувањето по пошта да достават до оваа институција пополнет формулар за декриминализација.

Собранието на Албанија од 21 овој месец официјално остана без опозиција, откако лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша во Претседателството на Парлементот ги достави изјавите потпишани од пратениците со кои се откажуват од пратеничкиот мандат, по масовниот антивладин протест пред законодавниот дом.

Експресно, иако за тоа имаше рок од 30 дена, генералниот секретар на парламентот изјавите ги достави до ЦИК со барање за имињата на новите пратеници.