Алаѓозовски: Состојбата во културата е очајна


Состојбата во културата е очајна. Ќе ни требаат надчовечки напори за да тргнеме по патот на закрепнување и напредок. Детектиран е фантастичен потенцијал меѓу нас, база на знаење, вештини, идеи и инфраструктура кои со добра организација и поддршка ќе можат да дадат резултат колку тоа и да се чини тешко.

Со овие зборови на министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска во Музејот на современа уметност почна јавната презентација на Нацрт-стратегијата за културен развој на Република Македонија 2018-2022 година и на Нацрт-акцискиот план за 2018 година.

Овие два стратешки документа, како што истакна Алаѓозовски, се солидна основа која треба да одговори на прашањата како да се справиме со долговите од минатото, со „Скопје 2014“ и мегаломанското, коруптивно и непродуктивно трошење, како да се поддржи независната сцена која со години беше маргинализирана и запоставувана, како нашето богатство од различности да стане извозен продукт во светски рамки, а не средство за поделби.

Според министерот, од Нацрт-стратегијата и Акцискиот план ќе произлезат политиките во културата за следните пет години. Тој им порача на сите учесници во креирање на предлозите, идеите и решенијата да го задржат ентузијазмот и да останат посветени зошто само така, потенцира, ќе се реализираат суштински промени.

– И покрај уништените општествени вредности, институции, образование, поделби по многу основи, скромни економски можности и долгови, верувам дека сме свесни за тешкиот пат пред нас. Нашите заложби се јасни: култура до сите – култура за сите, во секој дел од Македонија, за сите граѓани подеднакво, подвлече Алаѓозовски.

Славица Инџева од Фондацијата „Отворено општество Македонија“ се надоврза дека изминативе три месеци додека траеја јавните расправи за креирање на Нацрт-стратегијата и Акцискиот план, се многу кратко време за да се коригира штетата во културата што е направена.

На јавната презентација во Музејот на современа уметност учествуваат претставници на граѓанските организации „ЈАДРО“ и „КУЛТ – Транзен“ кои ги организираа средбите изминатиот период и придонесоа за консолидирање на предложените стратешки документи.

Се очекува посебниот советник за култура Златко Теодосиевски да ги претстави клучните поенти од Нацрт-стратегијата, по што ќе следува дискусија.

Како што информира министерот Алаѓозовски, за период од три месеци беа реализирани 15 средби и дебати со стотици претставници и работници во областа на културата од цела Македонија.