Агенција за филм: „Киненова“ не ги задоволуваше критериумите на Филмскиот совет


Агенцијата за филм на Република Македонија во писмена реакција на тврдењата на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ наведува дека Фестивалот и минатата година не бил поддржан, бидејќи не ги задоволувал критериумите кои Филмскиот совет при Агенцијата ги земал предвид при разгледувањето на сите пријавени проекти.

– Крајно неточно и тенденциозно е мешањето на филмот „Ругање на Христос“, бидејќи во повеќе од 20 изјави и интервјуа Агенцијата за филм објасни дека ниту го цензурира филмот, ниту има намера да ги ограничува авторските слободи. Напротив, за филмот беа исплатени средства и се уште се исплаќаат средства и ова е само една крајно некоректна дезинформација за јавноста, стои во реакцијата на Агенцијата за филм.

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ денеска реагираше на целосно укинатата финансиска поддршка од Агенцијата за филм која пред неколку дена ги објави резултатите од конкурсот за финансирање фестивали. Организаторите на фестивалот тврдат дека дури и ги надминуваат предвидените критериуми за разлика од некои други фестивали што добиле пари за 2019 година, а кои, како што се посочува во реакцијата, немаат вистинска филмска профилација.

Од „Киненова“, фестивал што е фокусиран на дебитантски филм и имаше три успешни изданија, сметаат дека Агенцијата за филм, а претходно и Комисијата за култура на Град Скопје, со неподдржувањето сакаат „да го погазат и неправедно и тенденциозно да го девалвираат трудот на голем број филмски професионалци од земјата и од странство“ кои стојат зад фестивалот и сметаат дека се работи за „систематски и смислен институционален бојкот на фестивалот и укинивање на слободата на уметничко изразување и искажување слободен уметнички и ангажиран став“.