Џасинда Ардерн и Гордана Јанкулоска


 

Љупчо Поповски

Џасинда Ардерн е премиерка на Нов Зеланд, наскоро ќе полни 40 години. Дојде на власт лани есента по изборите одржани во септември. Таа е феномен во политиката во светот што се нарекува „Даун Андер“, главно Австралија, но и Нов Зеланд. Беше избрана за лидер на Лабуристичката партија на 1 август 2017 година, откако претходниот претседател стигна на најниското можно историско ниво во анкетите и мораше да си замине. За месец и половина, до изборите на 23 септември, таа успеа во островската држава да создаде политичка атмосфера на успех и само успех, која партијата од сигурен губитник ја доведе до второпласирана на изборите со 46 мандати, наспроти првите на гласањето, Националната партија со 56 места. Во расплетот при формирањето на коалициската влада, Ардерн ги покажа сите свои знаења (поради кои едно време беше и политички советник на тогашниот британски премиер Тони Блер) и успеа незапирливиот бран меѓу гласачите да го пренесе и на преговарачката маса, па двете помали партии му ја откажаа љубовта на победникот на изборите и се согласија да ја поддржат малцинската влада на Џасинда Ардерн.

Премиерката ги освои жителите на Нов Зеланд, а малку потоа во некоја рака ги покори со непосредноста кога објави дека е по првпат бремена. Треба да се породи наскоро, до средината на овој месец. Повеќе од 800 весници и магазини во светот ја објавија веста за нејзината бременост. Во маскулинскиот свет бременоста на една премиерка за време додека ја извршува својата функција требаше да биде предмет на сериозна загриженост. Последен пат тоа се случи со Беназир Буто во Пакистан во 1990 година. Дали во возрасните години ќе може да одговори на тешките барања што ги носи функцијата, дали ќе зема породилно отсуство, кој ќе се грижи за првенчето во врската со нејзиниот партнер? Во „бејби-манијата“ што ја зафати Нов Зеланд, Ардерн одговори смирено вршејќи ги своите секојдневни обврски.

„Јас сум бремена, а не онеспособена“, изјави Ардерн сместувајќи ја својата лична приказна во рамките на вообичаениот живот на секоја жена што очекува принова. Таа објаснуваше дека добива топли честитки кога ќе излезе надвор од нејзината куќа, но вели: „Свесна сум дека не секој во Нов Зеланд е среќен со мојата бременост. Морам да работам за да докажам дека можам да ги исполнам одговорностите што ги имам, а јас апсолутно планирам да го направам тоа, па така и владата“.

„Политиката може да изгледа многу оддалечена од секојдневниот живот на луѓето, но бременоста на Ардерн рефлектира дека политиката е реална вежба која им овозможува на луѓето да се поврзат со политичкиот свет“, вели Џенифер Кертин, професор по политика на Универзитетот во Окленд.

Некои новинари побараа од Ардерн да земе шест месеци отсуство, наместо шесте недели кои таа ги најави, сугерирајќи дека нема да биде способна да се справи со мајчинскиот предизвик. Вчера Ардерн соопшти дека ќе ја извршува функцијата премиер и ќе патува сѐ до моментот кога ќе пристигне во болница на породување.

Наизглед не се промени ништо во Нов Зеланд, иако се промени многу. Откако Ардерн и нејзиниот партнер објавија дека го чекаат своето прво бебе, таа вест сѐ уште доминира во вестите, во колумните и во радиските ток-шоуа. Поради огромната желба на јавноста за сите можни детали околу ваквиот неверојатен случај во политиката, Џасинда Ардерн одвреме-навреме изнесува и некои лични детали. Така, неодамна во едно телевизиско гостување откри дека дознала за својата бременост по расправа со нејзиниот партнер. Тие влегле во караница дали тој ќе дојде во главниот град Велингтон од другиот крај на островот каде што снимал шоу за риболов, за да биде покрај неа кога ќе се објави кој ќе ја формира идната влада. „Подоцна во текот на вечерта, кога ги добив резултатите од тестовите, си помислив: ‘О, Господе, ќе треба пак да му се јавам’. Тој беше во оние подвижни тоалети кога му ја соопштив веста“.

Ова може да изгледа како интересна приказна од земјата на кивите и Маорите. За некого ништо повеќе од тоа. Но таа, во основа, ја покажува промената на политичкиот свет во една изградена демократија и учеството на граѓаните во него на еден поинаков начин. Дали ова може да има допирни точки со бременоста на Гордана Јанкулоска и нејзината епистоларна комуникација со две министерки за нејзините права како мајка на детето што го очекува. Во многу работи, се разбира – не, но во многу работи – да. Двете жени се во годините кога бременоста може да биде ризична. И двете ги очекуваат своите бебиња некако во исто време. И двете се политичарки, една сегашна и една, засега, поранешна. И за двете јавноста има споделен интерес околу нивната бременост. Но нивната општествена позиција е различна. Џасинда Ардерн е во пикот на својот политички подем, Гордана Јанкулоска е во судскиот самрак на процесите што се водат против неа за разни злоупотреби од времето кога беше министерка за внатрешни работи. Се разбира, ниедна бременост не е иста. Можеби Ардерн лесно ја поднесува својата благословена состојба, а Јанкулоска има проблеми да го износи своето бебе.

Но, на крајот, прашањето што се поставува е дали мајчинството што се очекува треба да биде олеснителна или отежнувачка околност за една жена. За жената како Ардерн, тоа е момент во кој треба да се покаже дека тоа е само природна состојба, додека кај Јанкулоска, со тешките мисли за можни затворски пресуди, тоа повеќе е повик за сомилост на правдата, која треба да оцени дали таа ги направила делата за која ја сомничат обвинителите. И на одреден начин да добие сочувство од јавноста. Да го добие она сочувство кое многу обвинети жени во времето додека таа беше министер не го добија за време на судските процеси, иако се наоѓаа во иста ситуација како и таа.

Адвокатите велат дека пред законот сите се еднакви. Но тој правен принцип се претвора во флоскула, затоа што односот кон епистоларните обраќања на Јанкулоска треба да биде насочен кон основното прашање во судството – дали правдата треба да биде сомилостлива. Јасно е дека Јанкулоска во својата одбрана ќе се служи со сите механизми што би можеле да ѝ стојат на располагање за одложување на процесите. Во еден од нив, за набавката на „мерцедесот“ двајцата обвинети добија затворски казни (еден од нив е поранешниот премиер Никола Груевски), а за неа обвинението е на повисоко ниво од она на нејзиниот некогашен шеф во владата и партиски лидер. Стравот од слична пресуда е реален и секојдневен и затоа писмото на Јанкулоска изгледа како обид правдата да се смилостиви и да замижи пред делата што се напишани во обвинението. Во оваа јавна потрага по спас, или подобро речено, одложување на одлуката што треба да дојде, клучното прашање е дали судот треба да сочувствува со здравствената состојба на обвинетите. Дали тој треба на некој начин да биде милостив? Што би станало со еден судски систем во кој процесите ќе се водат не според доказите, туку според лекарските известувања за бременост, укоченост, ларингит…

Во овој случај поранешната министерка, која за време на нејзиниот мандат сакаше да покажува железна одлучност, па дури да одредува обвиненија, сега очекува понежен третман од судот. За една мајка, која го очекува своето првороденче, овие месеци можат да изгледаат како пеколни денови, но злоупотребите и криминалните дела за кои е обвинета се направени многу одамна, во времето кога требало да се мисли на последиците. Можеби Јанкулоска требаше епистоларната кореспонденција да ја насочи кон своето неродено дете како легендарната италијанска новинарка и писателка Оријана Фалачи во својот извонреден роман „Писмо до нероденото дете“ во кое таа, на бебето што го носи во својата утроба, му ги објаснува сите битни прашања за живеењето, слободата, љубовта, раѓањето и смртта. Тогаш чесноста ќе можеше да се фати под рака со мајчинството, а не мајчинството да биде изговор за заборавање на гревовите.