Ќе се прави нова распределба на квотите за лекови
Ќе се бара друг начин како да се распределуваат квотите за лекови на рецепт по аптеките бидејќи поради недостатоци во сегашниот систем се случува граѓаните уште на почеток на месецот да не можат да ја купат својата терапија. Тоа се случува последните три месеци и предизвика револт кај граѓаните и кај фармацевтите. Уште на 10 во месецот во аптеките снемува основни лекови на рецепт, меѓу кои лекови за циркулација, антибиотици, масти. Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) најавија дека е почната ревизија на правилникот за распределба на квоти.
– Планираме да направиме нова и поправична распределба на квотите меѓу аптеките. Со воведување интегриран електронски здравствен систем, кој ќе се случи наредните две до три години, во реално време ќе имаме податок колку рецепти се издадени и колку се реализирани, бидејќи во една база на податоци ќе бидат поврзани сите здравствени установи, аптеките и Фондот – најави Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Според него, системот е така поставен што во рамки на иста квота за повеќе реализирани рецепти можни се злоупотреби за една аптека да добие поголем надомест од Фондот. Може да се случи дел од аптеките повеќе да издаваат од поевтините лекови кои се на рецепт, а да не ги издаваат поскапите лекови на рецепт, за да добијат поголем надомест.
Системот на квоти за лекови на товар на ФЗОМ беше воведен во 2010 година. Сегашното раководство на Фондот смета дека системот е лошо поставен бидејќи на аптеките им дозволува да ја надминат квотата за 10 отсто во првите пет месеци од шестмесечјето, а шестиот месец се прави порамнување. Сметано од октомври наваму, аптеките ги надминувале квотите месечно од три до пет отсто. Во март, кога се прави порамнувањето, тие ги намалувале квотите за 5 до 25 отсто и затоа уште во првата половина на месецот се потрошени квотите на лекови на позитивната листа, уверуваат од Фондот. Затоа ќе се анализира и дали може да се промени март како месец за порамнување на квотите.
За моментално да се реши проблемот, аптеките овој месец ќе добијат 15 милиони денари плус за лекови на рецепт. Овие пари линеарно ќе се поделат на 780 аптеки кои имаат договор со Фондот и оваа одлука би требало да стапи во сила од денеска.
Од вкупно реализираните рецепти за 2017 година, најпродавани биле двата најевтини лека, а тие се „еналаприл“ и „дијазепам“. Во вкупната потрошувачка на лекови од позитивната листа учествуваат со 13,9 отсто, односно издадени се 3,2 милиони рецепти за овие два лека. За ова година за лекови на рецепт од буџетот на ФЗОМ се одвоени 2,8 милијарди денари или 100 милиони денари повеќе од лани.
Според ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ, квотите за лекови требаше да бидат укинати уште во 2015 година. Според изборната програма на СДСМ, пак, власта би требало да ги зголеми пишаните со електронски рецепти и да ги укине квотите за број на издадени рецепти.