Јане Велковски: Фудбалот е се во мојот живот


Барбики, колички, нова соба, таблет, мобилен телефон, компјутер, плејстејшн, велосипед, тротинет, спинер, братче или сестричка се најчестите желби што се содржани во детските писма до Дедо Мраз за Нова година. Ни приближно таква не е единствената на Јане Велковски, девет и полгодишно момче од Скопје.

„Посакувам само едно нешто во новата година. Да проодам. Дедо Мраз нека донесе спинраза“, како од пушка одговори главниот јунак во кампањата „Еднаква игра“ на УЕФА на нашето прашање што тој напиша во пратката до добриот старец со долга бела брада и црвена наметка во Лапонија. Оти друго има се, а „спинраза“ е лекот што може да го оздрави, да не биде врзан за количката и да може и без неа да излезе на терен со другарите.

Јане зрачи со ведрина. Неговиот бистар ум, непосредност, желба за дружење и слобода во однесувањето и во говорот се впечатливи на прва. Храбро им пркоси на секојдневните предизвици и не дозволува со ништо да биде изместен од својот животен филм. Неговата упорност, трпеливост и посветеност, но и на неговите, цврсти како карпа, родители Ѓорѓи и Деница се водилка во соочување и решавање на проблеми на краток и на долг рок.

Фудбалот

Фудбалот зазема многу коцкички во неговиот мозаик. Кога го практикува со другарчињата е голман пришто импонира со демонстрацијата на вештини иако е во количка. Но, ужива во фудбалот и кога е гледач. Оваа година е постојан декор на натпреварите на македонската репрезентација и на Вардар во УЕФА Европа лигата. Настанот што, сепак, ќе остане длабоко врежан во него е Европскиот Суперкуп.

Августовскиот спектакл на „Телеком арена“ беше уживање за Јане и покрај тоа што на тревникот беа спротивставени двата тима со кои навива. Манчестер јунајтед му е при срце поради Пол Погба на чија покана ќе биде гостин на „Олд Трафорд“ на 13 март кога и Севилја za реванш осминафиналето во Лигата на шампиони (ЛШ). Реал Мадрид, пак, поради Кристијано Роналдо.

„Постојано мислам на тој ден. Ќе биде супер доживување. Си пишуваме од време на време со Погба. Сигурно ми подготвува и некое изненадување, но не ми кажува какво. И јас не го прашувам затоа што така нема да биде изненадување. Се надевам дека ќе излезам и на терен со фудбалерите, се надевам дека ќе излеземе заедно со Погба“, возбудено коментира момчето чија животна приказна, на некој начин, го прави и личност на годината.

Детска соба како фудбалски музеј

Собата на Јане е како мал фудбалски музеј. Еден куп акредитации, медали, навивачки реквизити, дресови. Доби голмански при прогласувањето на фудбалер на годината во организацијата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), има македонски од Елиф Елмаз, има „37“ од Џенова на Горан Пандев, а последниот во богатата колекција е од Спортинг Лисабон на Стефан Ристовски. Голем фан е на Вардар, но дрес од најтрофејниот македонски фудбалски колектив се уште не е декор во неговото мало царство. Жали што го пропушти мечот со Зенит поради приватни обврски во Франција, но затоа во еден здив ги одгледа „црвено-црните“ 90 минути против Реал Сосиедад и Розенборг.

Омилени ликови Погба, Роналдо, Буфон, Пандев…

Голманот Велковски си има и омилен лик меѓу стативите. Тоа е легендатата на италијанскиот фудбал Џанлуиџи Буфон чиј врамен дрес покрива еден од ѕидовите во собата на Јане.
„Дресот од Буфон го добив лично од него. Бев во хотелот „Мериот“ кога гостуваше Италија. Се запознав со Џиџи кој со себе носеше дресот со бројот еден, го потпиша и ми го подари како и мала фудбалска топка со автограм“, ни открива Велковски.

Прв пик на Јане од домашните фудбалски ликови е Горан Пандев.
„Го обожувам Пандев. Си разговараме во секоја прилика пред натпреварите на Македонија во Скопје. Тој најчесто ме држи за рака при излегување на терен. Добив и дрес од него од Џенова што многу ми значи“, вели Велковски.

Лабрадорот Бела како водич за Јане

Друштво од неодамна прави и лабрадорот Бела која е во фаза на тренинг да биде и водич на малиот херој од скопската населба Хром. Одлично е прифатена во семејството и веќе приврзана за Јане, но и тој за неа. Меѓусебната радост е лесно воочлива уште при излез на момчето од семејниот дом. Веднаш се монтира насмевка на неговото лице и колку што може ги шири рачињата за прегратка на што Бела возвраќа со непрекинато мрдање со опашката.

Воспитуван да биде задоволен со себе

„Славен“ е поодамна, благодарејќи на кампања на УНИЦЕФ. Стана вистинска ѕвезда откако УЕФА го стави главен лик во спот за глобалната кампања „ Еднаква игра“. Можеби, челниците на европската фудбалска асоцијација ги освои со неговите раздраганост и љубопитност. Кога сте со него, ви се чини дека Јане може да направи се што ќе посака.

Впрочем, и прави. Да оди во училиште, да брани кога другарите играат фудбал, да игра плеј-стејшн, да му дојдат гости, се малите радости што го прават неговиот живот. Големата радост ќе биде на 13 март, кога со родителите ќе оди на меч на Манчестер како специјален гостин на лична покана од големиот Пол Погба.

„УЕФА му беше најголемата возбуда. Ужива. Интересно му е. И славата малку му годи. Отсекогаш го учевме да биде задоволен со себе. Но, од пред една година, кога излезе лекот, си дозволивме да му кажеме дека може да му биде и подобро. Сега најново е дека и тој сака да помага, на други деца, пак преку фудбалот“, вели Деница, мајката на Јане.

Ретка и скапа болест за која е потребна и помош од државата

Јане сега има девет ипол години. Болеста му е ретка. Наречена е спинална мускулна атрофија (СМА). Неговите родители бараат лек од кога е роден. Но, животот со ретка болест е тежок во земја како Македонија. Благодарејќи на упорноста и снаодливоста на неговите родители, дома имаат безмалку цела пулмолошка амбуланта и лифт во куќата, добиени како донации од хуманитарни организации од САД. И комплетниот домашен амбиент дава една грижливо одбрана функционална средина што е прилагодена за Јане или во превод без скалила, без прагчиња и перипетчиња. Едноставно се е на едно ниво.
Надежта дека државата може нешто да направи за оваа болест стана реална минатата година, кога САД ја одобри спинразата за употреба. Лекот покажа одлични резултати, па и земји од Европа го набавија за своите пациенти. Родителите на Јане побараа од Министерството за здравство да биде донесен и во Македонија. Процедурата почна лани преку Комисијата за ретки болести и сè уште не е завршена. Главниот проблем е цената на лекот, која се движи од 90.00-120.000 евра годишно за еден пациент. Во Македонија со оваа болест живеат пет деца и двајца возрасни луѓе.

(С.Д – С.С.З)