Чувствителноста на моќниците
Горан Адамовски
Актуелниот заменик-министер за екологија Јани Макрадули нема многу финансиски да се офајди од пресудата што во негова корист ја донесе Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ќе добие 1.500 евра за надомест на нематеријална штета и околу 1.000 евра за трошоци во постапката, што сè на сè е малку повеќе од сумата што ја плати пред десетина години за клевета врз тогашниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Парите сега ќе му ги исплати државата, затоа што таа е виновна што не била способна во фер услови да истера обичен процес, па странките се принудени да бараат спас надвор.
Всушност, пресудите што ги носи Стразбур не се за богатење, туку за обелување образ, барање морална сатисфакција и чест, нешто што не е замисливо за нашите судови, па макар се смениле и сто власти. Го знае тоа и Макрадули, веројатно сега ја препрочитува пресудата која му даде за право дека не го клеветел до вчера најмоќниот човек во државата.
Ако внимателно се анализира донесената одлука од Стразбур, многу лесно ќе се увиди дека македонските судови му ја повредиле неговата слобода за изразување. Според судот, коментарите во врска со имотот на јавни службеници и нивна можна вклученост во неадекватни активности се однесуваат на значајни прашања од јавен интерес и тие се во согласност со начелата од членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Дополнително, интервенцијата на државата во слободата на изразување на апликантот, а со цел заштита на угледот на поединци, во конкретниот случај претставува повреда на стандардите од член 10 од конвенцијата.
Годишно, над 400 македонски граѓани правдата ја бараат на крајниот исток од Франција. Виде – не виде, ЕВЧП мораше да ги заостри критериумите по предметите од Македонија и да нагласи оти ќе ги разгледува единствено целосните апликации. За разлика од порано, кога доволно беше да се поднесе и непотполно барање или писмо колку да се запази рокот, а потоа од судот одговараа што недостига во тужбата, сега граѓаните се должни уште при аплицирањето да ги наведат сите докази, решенија и пресуди што се важни за случајот.
Не само во Стразбур, на сите во Европа им е јасно дека работата со македонското судство не е добра. Нашите судии и тоа како се заштитнички настроени кон властодршците. Колку поголема моќ, толку поголема заштита. Во таа смисла треба да се гледа и на последната пресуда од Стразбур: Макрадули од позиција на опозиција прашува дали првиот човек на тајната полиција ги злоупотребува моќта и влијанието за да оствари профит и веднаш добива тужба. Додека тужбата патува до судот, судиите веќе имаат подготвена пресуда. Далеку од тоа дека Макрадули е наивен, но акцентот е ставен на моќниците. Барем во тој момент. Така беше со години, а гледаме дека и денеска тешко оди одвикнувањето од закани при првата критика што ќе ја изречете против некого од владата. Луѓето стануваат почувствителни кога ќе ја допрат моќта. Сега Макрадули е од другата страна на моќта, би било интересно да му се испроба трпението.
Тужбите за клевета се најчесто смислувано загрозување на слободата за изразување. Најголем број од „оштетените“ јавни личности не ја препознаваат сопствената одговорност и подготвеност за јавна критика, па настојуваат во судска постапка да ги повратат „изгубената“ чест и углед низ парична сатисфакција. Факт е дека не постои волја ваквите предмети да се решаваат преку постапките за медијација и преку примената на етичките и професионалните стандарди.
Нашите јавни личности, пред сè политичарите, треба да сфатат дека да се биде тоа – јавна личност, не е секогаш гламурозно и не носи само бенефиции, моќ и пари. Јавноста во демократските земји, не нужно и во Македонија, има обврска да ги следи и критикува кога ќе заборават на законите, моралот и етиката. Да, додека се на власт се недопирливи, но нека се свестат дека покрај судот во Стразбур има и уште една клучна работа: моќта е минлива. Нека го имаат тоа на ум и судиите кога ќе пресудуваат во корист на посилниот.