Чекајќи го…
Звонко Давидовиќ
Непрегледна прерија, ветерот ја бранува сувата трева, а на ридот стои Индијанец како кип од мрамор со очи вперени во небото и тивко му се моли на својот бог. Чека дожд. Можеби поминувале денови во таквото летаргично чекање, но Индијанецот го дочекувал дождот, а неговите молитви биле услишени и резултатот бил неизбежен и сигурен. Дождот ја натопувал сувата земја.
Најверојатно, отсекогаш човечкиот род дел од својот живот го поминувал во чекање на некого или нешто со очи вперени кон хоризонтот или иднината. Сигурен сум дека гледајќи во хоризонтот предците наши осознале и научиле многу нешта за себе и за светот околу себе. Гледајќи во иднината планирале и се развивале низ милениумите создавајќи похумано, почовечно општество.
Размислувајќи за сево ова и гледајќи го нашето минато сметам дека ние Македонците сме рекордери во чекање да се случат нештата. Мислам дека ние многу повеќе време од нашите животи поминуваме во чекање отколку кој било народ на Земјинава топка во минатото или сегашноста.
Илинденското востание и сите други востанија, Балканските војни и Првата светска војна не дале никаков резултат на вековното македонско чекање и стремеж за сопствена држава и правото да се биде свој на своето. Наместо обединувањето на народот, се случува разединување, поделба и асимилација на македонскиот народ. Со вперен поглед кон небото и иднината чека македонскиот народ подобро време за вековните стремежи. И, доаѓа тоа време како и секогаш во невреме, во чад на селата и градовите кои којзнае колкупати гореле низ вековите, доаѓа во тешкиот чекор на чизмата на окупаторите. Полиена е таа вековна желба и чекање со крв на македонскиот народ, како и многупати досега, но овој пат се раѓа македонската држава од пепелот на Втората светска војна, а контурите и иднината и се дадени со одлуките на АСНОМ.
Осумдесет и осум години чекање по Илинденското востание е наградено со самостојна и суверена Република Македонија. Но, нашето чекање допрва почнува. Како се осамостоивме така почнаа нашите проблеми со комшиите. Едните ни го спореа името и, додека чекавме на нивните граници да одиме на море или шопинг, тие ни лепеа ливчиња дека не нè признаваат под нашето уставно име. Другите, пак, ни го спореа јазикот и потеклото, третите умот. Но најчесто ние самите си го оспорувавме своето потекло и историјата давајќи им можност и материјал на сите да ни го оспоруваат и името и јазикот и умот. Цели 27 години чекавме на решавање на спорот со името, преговаравме, се договаравме, спроведовме референдум и сè уште чекаме на решавање на спорот.
По осамостојувањето, бевме единствена земја на Балканот која ги исполнуваше условите и критериумите за влез во Европската Унија. Но, како и секогаш кога сме на чекор до целта, ние сме во тој миг најдалеку од неа. Наеднаш се случи бегалската криза и Македонија беше преплавена со бегалците од Косово кои подоцна како благодарност за нашето гостопримство вршеа терористички акции на наша територија под името УЧК. Се случи и воениот конфликт во нашата земја, се склучи Охридскиот договор, а ние бевме сè подалеку од приемот во НАТО и ЕУ. По договорот од Преспа, спроведениот референдум и поделеноста на парламентарните партии по ова прашање, без двотретинско мнозинство ние и понатаму чекаме, како и изминативе години, да се реши ова прашање.
Чекавме и сè уште чекаме многу работи да се случат, но убедливо најмногу чекавме, а како тргнало допрва ќе чекаме правниот систем да се среди, судот да застане на свои нозе и законот да биде еднаков за сите, правдата достижна за секого и секој да ја понесе одговорноста за своите постапки. Во тоа чекање на самостојноста и независноста на судството се направија многу реформи, а заради создавање подобри услови за таа толку посакувана судска самостојност и независност. Поради сето тоа, а особено поради сигурноста на судиите и поделбата на власт, се создаде судскиот совет. Тоа тело требаше да биде гарант на самостојноста и независноста на судството, но наместо тоа генерираше и создаваше проблеми, афери и го отвори судството за политичко влијание на извршната власт. Од господар стана слуга кој единствен во државата нема одговорност пред никого. Ниту трајниот судски мандат не ја подобри состојбата, напротив судството од ден на ден тонеше и, од почитувано стана сваровски-сончоглед судство. Поради неспособноста на судовите и нивните извршни одделенија да ги извршат своите одлуки, се измислија и именуваа извршителите. Судовите не успеваа ниту оставинските постапки, заверките и платните налози да ги процесираат навремено, па се измислија нотарите кои ја преземаа речиси целокупната вонпарнична постапка. Ниту вака растовареното судство не профункционира, па уште еден сегмент од судската надлежност му се предаде на друг орган, истрагата од судските канцеларии премина во обвинителските. Мислевме недоучени се по факултетот и правосудниот испит, па ја измисливме Академијата за судии и обвинители, како можност да поучат уште малку. Состојбата само се влоши па кадарот кој конкурираше во Академијата почна да се занимава наместо со право со неправо, фалсификувајќи дипломи и уверенија за познавање на странски јазик. Кадарот, пак, кој седнуваше во судските фотелји од академијата праќаше правни лица во затвор. Почнаа да го штелуваат АКМИС-системот по своја желба, исто како што ги носеа пресудите по нарачка.
Обвинителството, пак, беше заспана убавица која ниту слуша ниту гледа и место тоа чека да и каже извршната власт што да работи. Јавните обвинители на чело на републичкото обвинителство за сиот свој мандат не успеаја да го средат обвинителството и да ја сработат работата за која се избрани туку, како седнуваа во своите фотелји, паѓаа во зимски сон од кој ги будеше само политичка нарачка за предмет против политички опонент кој редовно и квалитетно беше испорачуван. Поради неспособноста и нефункционирањето на ОЈО, ВЈО И ЈОРМ, се создаде СЈО. Но ни СЈО не успеа да го смени вкоренетиот обвинителско-судскиот полтронизам и двојните аршини, и покрај тоа што храбро и упорно се бореше бидејќи одговорност не понесе ниту еден од раководителите на судовите и обвинителствата. Тие сè уште седат таму каде што не смеат и не треба да бидат, а ние сè уште чекаме и правда, и правичност, и еднаквост, и мир, и спокој.
За разлика од Индијанецот на почетокот на колумната, кој го дочекувал дождот, не сум сигурен дали и кога ние ќе ја дочекаме правдата и одговорноста за секого во општеството, без разлика кој е и каде се наоѓа.