ЦФР: Овие жаришта в година можат да прераснат во големи војни
Американскиот Совет за меѓународни односи (ЦФР) во неговиот годишен извештај, насловен „Превентивни приоритети“, наведува 30 жаришта, кои според негова проценка можат да прераснат во големи војни во 2018 година.
Во извештајот се посочува дека Балканот е зона со „ниско приоритетна закана“ за конфликт, со опасности предизвикани од можни политички немири и екстремистичко насилство, имајќи предвид дека „нестабилност на регионот неколкупати го потресе целиот свет“.
Податоците во извештајот се добиени врз основа на истражувањето на Центарот за преветнивни акции при ЦФП.
Во текстот, потенцијалните опасности се поделени на три категории.
Во категоријата на „висока приоритетна закана“ се насочени осум можни судири и кризи, пред се воен судир меѓу САД и Северна Кореја и соседите, растечката опасност од нуклеарен судир, а претседателите на САД и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг Ун, кои постојано се провоцираат, се оквалификувани како „многу непредвидливи“.
Во таа група се наоѓа и можниот вооружен судир меѓу САД и Иран, кибер нападите врз инфраструктурата и мрежите во САД, како и намерен или ненамерен воен судир меѓу Русија и членките на НАТО.
Исто така, во групата „високо приоритетни закани“ се и вооружен судир во Јужното Кинеско Море, терористички напади на САД или некој нивни сојузник, ескалација на судирите во Сирија, како и нови судири во Авганистан.
Во втората категорија се опасностите чии последици би биле помали од конфликите од прво ниво.
Како што се наведува, во оваа група се наоѓаат можен судир меѓу Јапонија и Кина околу остовите Сенкаку/Дијаоју, политичка нестабилност во Венецуела, влошување на хуманитарната катастрофа во Јемен, судири во Мјанмар, пораст на насилство поврзано со организираниот криминал во Мексико, судири во Украина меѓу украинските и проруските сили и интензивирање на насилството меѓу Курдите и владините сили во Ирак и Турција.
Исто така, во оваа група се посочени и можни судири меѓу Пакистан и Индија поради Кашмир, судири меѓу Израел и Хезболах, како и зголемување на тензиите меѓу Израел и Палестинците.
Во третата категорија на „потенцијални опасности“ се посочени главно африканските држави во кои Боко Харам и други исламисти претставуваат најголема опасност за терористички напади, а како опасност се наведени и политичките превирања.