Ципрас побарал од министрите да се обврзат дека владата нема да падне поради прашањето за името
Грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната владина седница побарал од министрите да се обврзат дека нема да ја поддржат евентуалната иницијатива на Нова демократија за гласање недоверба на Владата и дека нема да ја турнат владата по повод прашањето за името.
Oбраќањето на грчкиот премиер на денешниот министерски состанок беше зад затворени врати, а според грчки владини извори, Алексис Ципрас, како централно политичко прашање ја поставил обединетоста на владата во период кога се видливи резултатите од три и пол годишните напори, бидејќи грчката економија се наоѓа во фаза на закрепнување.
Во овој контекст, според истите извори, Ципрас побарал од сите министри да се обврзат дека нема да помислат да се идентификуваат со напорите на десницата или на радикалната десница да ја турнат влада имајќи го како повод прашањето со името, а всушност вистинската причина на десницата и радикалната десница е желбата да попречи текот на излезот од кризата. Па така, побарал од министрите да се обврзат дека нема да ја поддржат можната иницијатива на Нова демократија за гласање недоверба на владата.
Во обраќањето пред министрите, грчкиот премиер говорел и за економијата и доставениот буџет за следната година во кој не се вклучени кратењата на пензиите и изразил мислење дека грчкиот план ќе биде одобрен од Европската комисија.
На владината седница, Ципрас како приоритет го споменал започнувањето на процесот за уставни измени на почетокот на ноември, врз основа на предлозите од јули 2016 и заклучоците од националниот дијалог.