Цветанка Ласкова: Во душа сум социјалдемократка


Во текот на 45 години професионална кариера како естраден уметник, бизнисменка и сега активно вклучена во политиката, Цветанка Ласкова не ги менува работните навики, стилот на облекување, фризурата и пријателите. Дури над дваесет години е верна на истиот парфем „опиум“ на Ив Сен-Лоран. Вели, тајната на нејзиниот дамски изглед и однесување е во позитивната енергија, љубовта и грижата кон луѓето и искрената насмевка.

Почетоците на музичката сцена и датираат од 1973 година. Со бизнисот започнала од 1991 година. Со продукција се занимава од 1992 година. Од 2011 е на чело на форумот на жени на СДСМ. Десет месеци е посебен советник за култура на премиерот Зоран Заев.

Кога ве именуваа за посебен советник за култура на премиерот Зоран Заев, се крена прашина во јавноста. Што беше причината за тоа?

– На социјалните мрежи секој има право да го изрази своето мислење. Се појавија неколку реакции од луѓе за кои претпоставувам дека не се доволно запознаени со мојата долгогодишна работа во сферата на културата и медиумите. За разлика од нив, јас добивам голема поддршка од луѓето што значат нешто во нашето културно живеење знаејќи дека ќе се заложам максимално вистинските вредности да си го заземат своето место.

Што посебно го советувате премиерот и што сѐ спаѓа под ваша надлежност?

– Јас, како Советник за култура на премиерот на РМ, настапувам во негово име и според тоа мојата одговорност е голема. Секојдневно се среќавам со безброј луѓе од разните области во културата. Се разбира, се запознавам со индивидуалните проблеми, но и со горливите проблеми во институциите од областа на културата. Токму тука доаѓа до израз мојата советничка улога. Целта ми е да помогнам каде што можам и работите да тргнат во нагорна линија.

Како ја оценувате политиката за културата на претходната власт, и дали новата власт ги дава очекуваните резултати по скандалозниот проект „Скопје 2014“?

– Секоја власт со своето доаѓање проектира своја политика и се труди истата да ја реализира. Така беше и со претходната власт. За 11 години сите сме сведоци на таа нивна политика која ни донесе чудни збиднувања во државата, надвор од неа, а особено во културата. Едно од „чудата“ е проектот „Скопје 2014“. Се прашувам само како ќе ни изгледаат сите зданија што се изградени во центарот на Скопје по неколку години. Архитектите тврдат дека се градени со несоодветни (неприродни) материјални, лоши за здравјето на луѓето што живеат или работат во нив, а се градени неквалитетно. Кај голем дел од нив веќе се појавуваат аномалии.

Секако дека постојат работи во културата што се и позитивни, но главно културната политика на претходната власт ја оценувам како негативна.

Во многу области од културата бевме вратени назад и сега сме исправени пред предизвикот да ги поправиме тие лоши ефекти. Донесовме Национална стратегија за културниот развој во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година. Оваа Стратегија има за цел да ја промовира нашата препознатлива култура во европски и светски рамки и да го подобри културното живеење на нашите граѓани. Се разбира, дека не може сѐ да се постигне преку ноќ, но јас сум убедена дека со одговорна и посветена работа ќе се постигне целта.

Вас и вашиот починат сопруг Мишо, познат музичар, композитор и продуцент, ве врзуваше успешна продуцентска куќа „Кан“ која беше специјализирана за откуп на разни серии и документарни филмови, снимање на спотови… Вашата куќа ја донесе во земјава најпознатата латиноамериканска сапуница „Касандра“ која за краток период стана најпопуларната теленовела во светот, па дури и да влезе во Гинисовата книга на рекорди, како сапуница на шпански јазик која се емитувала дури во 128 држави. Паметам дека и тогашниот весник „Вечер“, во кој во продолженија се објавуваше теленовелата, бележеше рекорден тираж. Зошто еден успешен проект како „Касандра“ сега се потценува и има тенденција со нејзиното спомнување да се омаловажи вашиот претприемачки дух? Вие дури двапати го доби признанието „Најуспешна жена менаџер на годината“.

– Продукцијата „Кан“ во тој период откупуваше лиценцни права како за серијали, така и за документарни програми произведени од Би-би-си и други странски продуцентски куќи. Овие програми ги емитуваа нашите телевизиски куќи. Се трудевме да отвориме посебни термини за квалитетните програми на Би-би-си на некои од нашите телевизии, но земајќи го  предвид нашиот менталитет, сепак серии како „Касандра“ беа најгледани. Ете, затоа моето име некои го врзуваат за таа серија која беше впрочем прва од таков тип. Се сеќавам дека гледаноста на таа серија беше 86% од нашата популација.

Славна епизода од вашата музичка кариера беше и хитот од 1976 година што го испеавте со Јанко Узунов на фестивалот во Опатија. Дали ви недостига музиката и кои ви се сега музички идоли? Што слушате во слободно време?

– Покрај „Момчето со мандолина“, во мојата богата кариера имав повеќе хитови како во Македонија, така и во бивша Југославија. Издадов 7 албуми и безброј трајни снимки за МРТВ.

Јас сум секојдневно со музиката. Ако не снимам, тоа не значи дека не следам сѐ што се случува на музичката сцена. Во зависност од расположението, слушам соодветна музика која ми придонесува да го одржувам балансот на мојот организам.

Жал ми е што претходната власт успеа да направи раздор помеѓу уметниците за свој интерес. Тоа не смее да се случува во уметничкиот свет, затоа што за вистинските уметници не постојат граници.

Десет години сте без вашиот Мишо. Ретка романтична приказна од овие простори. Ретко кој знае дека живеевте и работевте 11 години заедно и во Белград. Кои слики, мисли и спомени ви поминуваат низ главата?

– Јас сум среќна и реализирана жена. Живеев скоро 30 години со партнер покрај кого се чувствував исполнета, љубена и почитувана. Кога живеевме во Белград, ја имавме една од најдобрите југословенски групи „Кан шоу“. Прекрасни се спомените од тоа време бидејќи и во Белград бев ценета и почитувана како интерпретатор, а за тоа зборуваат резултатите што ги постигнав и таму на музички план. Секако дека најважниот момент од Белград е раѓањето на мојот син Горан.

Во политиката се активиравте во 2009 година, кога се приклучивте на градскиот одбор на СДСМ и станавте претседателка на комисијата за култура, а од 2011 сте на чело на форумот на жени на СДСМ. Зошто се вклучивте во политиката?

– Јас сум во душа социјалдемократка, како и моето потесно и пошироко семејство. Демократијата и слободната мисла не можат да се заменат со ништо. Кога почувствував дека нашето општество се движи во погрешна насока, посакав да се вклучам во борбата за враќање на изгубените вредности и да дадам придонес за ослободување на заробената држава.

Горда сум на постигнатите резултати на форумот на жени на СДСМ. Овие 7 години како претседателка на форумот на жени на СДСМ работев неуморно за подигање на квотата на помалку застапениот пол од 30% на 40%, за ратификација на Истанбулската конвенција, за подобрување на статусот на жената Македонка и др. Можам да се пофалам дека форумот на жени на СДСМ има голема и силна мрежа низ цела Македонија, а со формирање на Школата за женски активизам секоја година се едуцираат жени кои во иднина ќе бидат спремни професионално да се занимаваат со политика и да носат вистински одлуки за доброто на сите граѓани во Република Македонија.

Дали жените го добиваат местото во политиката што го заслужуваат? И во самата Влада бројката на жените не стои на некое задоволително ниво – од петнаесет министерства, само три ги водат жени (Радмила Шекеринска, Мила Царовска и Рената Дескоска), плус министерката без ресор Зорица Апостолска. Во Собранието ситуацијата е малку подобра, но сепак далеку од рамноправна, каде што од 120 пратеници 39 се жени.

– Нашето општество од ден на ден се менува и ја прифаќа жената како рамноправен партнер во сите сфери на живеењето. Се организираат многу трибини, семинари, работилници… со цел да се постигне родовата еднаквост. Во нашиот план стои дека во 2020 година ќе постигнеме рамноправност 50-50, а сегашната квота од 40% ќе биде минато. Тоа значи дека бројките што ги спомнувате ја отсликуваат моменталната ситуација, но тоа ќе се смени.

Мајка сте, свекрва и баба. Колку ви е важно семејството? Во јавноста често ве гледаме и со двете ваши сестри.

– На секоја жена ѝ е важно семејството, па така и мене. По смртта на мојот сопруг, семејството ми е најважната поткрепа во мојот живот.

Дали вашето вклучување во политиката ги смени вашите животни навики, стилот на облекување, колку ви донесоа нови пријателства или непријателства? Со кого најмногу се дружите?

– Отсекогаш сум била работлива. Во првата фаза од мојата кариера научив да бидам прецизна и одговорна и да понудам квалитет во естрадните води. Во втората фаза работејќи како менаџер на „Кан продукција“ и издавачката куќа „Прајм инфо“ (Семеен магазин), научив да управувам како со финансиите така и со работниот капитал. Сфатив што значи да имаш покај себе добар тим. Само така ги постигав резултатите во бизнисот. Стекнатите навики не ги менувам, стилот на моето облекување е истиот колку што можете да приметите.

Имам голем број пријатели како во земјата така и во странство. Моите другарки Жане, Тања, Рената, Лидија… се дел од моето секојдневие.

Една сте од ретките дами во јавниот живот која остана доследна на еден префинет изглед, облекување и однесување. Која е тајната на Цветанка Ласкова? Кои се вашите женски ритуали?

– Тајната на Цветанка Ласкова е позитивната енергија, љубовта и грижата кон луѓето и искрената насмевка.

Лејла Сабит