Харадинај: Нема размена на територии ниту корекција на границите


Граѓаните на Косово не треба да се грижат за можен договор со Србија, размена на територии или корекција на границите, бидејќи тоа нема да се случи, изјави денеска премиерот на Косово, Рамуш Харадинај на конференција за новинари по враќањето од САД.

Хараадинај рече дека американските официјални лица сметаат дека Косово треба да остане во сегашните граници.

– Сите изразија мислење дека договор со Србија за признавање на Косово е неопходен, но не и корекција на границите или размена на територии. Ве уверувам дека нема причина за грижи, бидејќи идејата за корекција на границите и размена на територии не почна од САД, изјави косовскиот премиер.

Тој додаде дека главни теми на неговите разговори со официјални лица од САД биле безбедноста, формирање на армија на Косово, членство во Интерпол како дијалогот со Србија.

– Нагласив дека е потребен правно обврзувачки договор (со Србија), но не со корекција на границите или територијална размена, рече Харадинај.

Тој дополни дека добил одобрување од САД за трансформација на безбедносните сили во армија на Косово.