Фудбалска Прва лига: Шкендија ја растури Ренова


Шкендија забележа убедлива победа над Ренова со 6:1 во воведниот натпревар од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига за потврда на „црвено-црните“ дека се далеку поквалитетен тим од градскиот ривал.

Серијата голови ја отвори Бесарт Ибраими во третата минута кој погоди и во 33. Ферхан Хасани реализира пенал во 25. за високи 3:0 уште во првото полувреме.

Почетокот на второто ѝ припадна на Ренова. Ненад Мишковски во 47. намали на 3:1, погодок што на крајот се покажа како почесен за „гипсарите“.

Шкендија по примениот гол постигна уште три преку Жуниор во 48 минута, Шефит Шефити во 81 минута и повторно Хасани во 88.

Трите освоени бода значат дека Шкендија се поизвесно ќе заврши на првото место на табелата по есенскиот дел од сезоната.

Утре од 13 часот се играат три натревари. Во Битола, Пелистер го пречекува Шкупи, во Кратово, Силекс ќе биде домаќин на Работнички, а во дуелот на двете последнопласирани екипи ќе играат Скопје и Победа.

Мечот меѓу Вардар и Академија Пандев е одложен за 10 декември.