Француски здруженија бараат забрана на емулгаторот Е171 во храната, козметиката и лековите


Вкупно 20 француски здруженија на граѓани, меѓу кои и угледните УФЦ, Франција – природа – животна средина, Лига против ракот и Гринпис, побараа од министерот за економија на Франција, Бруно Ле Мер да ја забрани употребата на контроверзниот емулгатор Е171 или титаниум диоксидот во прехранбените и козметичките производи и лековите.

Емулгаторот Е171 може да се најде во бонбони, месни производи, сосови, десерти, сладоледи, готови јадења, како и во козметичките препарати и лекови.

Ваквото барање уследи откако во студија на Националниот институт за земјоделски истражувања на Франција (ИНРА) е посочено дека е утврдено оти овој додаток предизвикувал имуни нарушувања кај стаорци.

Студијата, изработена во 2017 година, наведува дека хроничната изложеност на овој емулгатор предизвикала раст на предканцерогени клетки кај стаорците.

Според француската Национална агенција за здравствена безбедност, иако овие резултати не значат дека истиот ефект од употребата на Е171 би се појавил и кај луѓето, сепак државниот секретар за еколошка транзиција Брун Поерсон во мај најави дека Владата би сакала „до крајот на годината“ да се прекине со употребата на титаниум диоксидот во форма на наночестички во сите прехранбени производи.

Оваа есен и француските пратеници се изјаснија за забрана на употребата на титаниум диоксидот во храната.

Но, според здруженијата, оттогаш ништо не било преземено. – Уште полошо, Министертсвото за економија го замрзна влегувањето во сила на оваа мерка, наведуваат здруженијата во барањето.

Во очекување на усвојувањето на министерската одлука неопходна за спроведување на забраната на Е171, „Ле Монд“ објави листа на околу 700 производи за широка потрошувачка во Франција што го содржат овој контроверзен додаток.

Титан диоксид е минерален додаток, составен од кислород и титан. Тој oвозможува белење и сјајност на препаратите, но исто така има и способност да апсорбира УВ зраци.