Филмски грабеж: За 6 минути украле 5 милиони евра од авион на „Луфтханза“


Криминална банда украла 5 милиони долари кои требало да бидат транспортирани од Бразил во Швајцарија од авиокомпанијата „Луфтханза“. Кражбата се случила на главниот товарен аеродром во близина на Сао Паоло, соопшти полицијата.

Грабежот е спектакуларно извршен за само неколку минути, а властите сѐ уште не ги пронашле сторителите. Тие влегле на товарниот аеродром „Виракопос“ со пикап, кој бил обележан со логото на фирмата задолжена за безбедноста на аеродромот. Авионот на „Луфтханза“ доаѓал од меѓународниот аеродром Гуаруљос, во државата Сао Паоло и слетал во „Виракопос“ пред да полета за Цирих, Швајцарија.

Според весникот „Фолја де Сао Паоло“, украдените пари ѝ биле доверени на фирмата за транспорт на готовина „Бринкс“. Весникот тврди дека грабежот е извршен од пет мажи, кои вооружени се појавиле на пистата и со закана со оружје ги одзеле парите од обезбедувањето. Сето тоа го сториле за 6 минути, при што никој не бил повреден.