Филипче: За шест месеци 1.000 вработувања во јавното здравство


 Во последните шест месеци во јавното зравство во земјава се  реализирани 1.000 вработувања од кои најголемиот дел се доктори, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче при посетата на велешката болница.
Тој најави дека и од крајот на овој месец ќе почнат првите специјализации, а поголема бројка доктори ќе почнат со специјализации од септември при тоа посочувајќи дека досега недостигот на специјалисти е резултат на лошото планирање на прием на кадри.
– Ни требаше одредено време за да ја направиме точната проекција од  која специјалност и која установа во државата ќе се упатат млади доктори на специјализација. Притоа и кога ќе почнат со специјализација треба да поминат четири–пет години тие доктори доволно да се обучат за да работат во одредена специјалност. Во одредени специјалности таа едукација не е доволна и потребна е работа на овие лекари со пациенти под менторство на постари колеги,за младите доктори да се стекнат со искуство во својата струка, рече Филипче.
За недостигот на специјалисти во болниците во внатрешноста на државата, министерот рече дека се надополнуваат со доктори од Скопје или од другите градови.
Министерот во однос на инвестициите во здравството рече дека се разгледуваат можностите да се аплицира за повеќе европски проекти кои нудат поддршка за подобрување на инфраструктурата на јавните здравствени установи во смисла на енергетски ефикасни објекти.
Најави дека при крајот на месецов со Банката на Советот на Европа ќе се разговара за можноста за кредитирање, не ’само за градба на новиот Клинички центар, туку и за реконструкција на сите јавно здраствени установи во земјава,  за кои, како што рече, сметаме дека треба да се реконструираат, а тука пред се мислиме на регионалните болници.

Во врска со долговите на јавните здравствени установи, Филипче рече дека тој изнесува околу 50 милиони евра што прави огромен проблем на функционирање на здравствениот систем.

– Долговите во сите јавни здраствени установи се’ во огромен број, ние направивме пресек за повеќе години наназад и забележавме дека долговите почнале да растат во 2012 година. Ние досега успеавме да го структуираме начинот на кој се исплаќаат, како кон јавните институции, така и кон приватните добавувачи, заради тоа што моравме да се заштитиме од блокирани сметки и блокирани институции како што е случајот со Службата за заеднички работи во Скопје, каде неколку месеци беше блокирана сметката и беа загрозени  платите и нормалниот начин на функционирање на институциите. Тоа е сума со која располага нашиот здраствен систем ние мора да ставиме ред, а тоа ќе го почнеме со исплатата на долговите, понатаму ќе видеме колкави ќе бидат можностите дополнителна сума на пари и како таа ќе ја насочиме кон враќање на долговите и кон развојни проекти, појасни министерот Филипче.

Во врска со прашањето за одговорноста министерот Филипче одговори дека веројатно одговорноста треба да се бара во начинот на којшто било финансирано досега.
На прашање кога ќе биде ставен во функција томографот во велешката Општа болница, министерот рече дека ќе биде ставен наскоро во функција. – Станува збор за компјутерска томографија којашто има проблем со радиографската цевка и ние сме во процедура со којашто помагаме со финансиски средства на болницата ова да се среди, информира министерот Филипче.