Фејсбук ги излажал британските парламентарци


Шефот на комитетот за медиуми на британскиот Парламент Дејмијан Колинс изјави дека Фејсбук ги излажал британските парламентарци за тоа колкав е ризикот податоци на корисниците да се делат без нивна дозвола.

Колинс рече дека ќе побара од директорот на Фејсбук Марк Закерберг и уште еден функционер во компанијата да се појават пред комитетот, кој истражува дезинформации и лажни вести.

– Некој мора да преземе одговорност за ова. Време е Марк Закерберг да престане да се крие зад својата страница на Фејсбук, рече Колинс.

Тој исто така го обвини дирекорот на компанијата за анализа на податоци „Кембриџ аналитика“ Александар Никс дека лаже. Никс минатиот месец соопшти дека „Кембриџ аналитика“ не добила податоци од истражувач обвинет дека собирал лични информации на милиони корисници на Фејсбук.

Компанијата за анализа на податоци Кембриџ Аналитика, собрала приватни информации од повеќе од 50 милиони корисници на Фејсбук што ги искористила за развивање техника за поддршка во изборната кампања на Доналд Трамп во 2016 година, објавија „Њујорк тајмс“ и „Обсервер“.

Државниот обвинител на Масачусетс Мора Хил соопшти дека после тие наводи, покрената е истрага.

Фејсбук во петокот објави дека го „суспендирал“ Кембриџ Аналитика, по откривањето дека се прекршени правата за приватност на податоци.

Весниците објавуваат дека тоа е една од најголемите злоупотреби на податоци во историјата на Фејсбук. Компанијата Кембриџ Аналитика, со седиште во Лондон, ги искористила податоците кои без дозвола ги презела во почетокот на 2014 година за софтвер со кој се предвидува и влијае врз избор за време на гласање.

„Обзервер“ наведува дека повеќе од 50 милиони профили во тоа време претставувале речиси четвртина од потенцијалните гласачи во САД.