Трамп бара замена за амбасадорката Ники Хејли


Доналд Трамп тврди дека неговата ќерка Иванка би била идеална замена за Ники Хејли на местото амбасадор на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации.

Оваа изјава на американскиот претседател пристигнала само неколку часа, откако, на големо изненадување на целата политичка елита во Вашингтон, Ники Хејли одлучи да се повлече од местото амбасадор на САД во Обединетите нации.Таа е уште еден во низата на високи функционери во администрацијата на Доналд Трамп кои што се повлекоа од своите функции, а набрзо после соопштението дека се повлекува од амбасадорската позиција, таа ги демантираше тврдењата дека планира да се кандидира за претседател на САД на изборите во 2020-та година.

Иако Доналд Трамп на новинарите им рекол дека Иванка Трамп би била одлична замена за Ники Хејли, истовремено тој нагласил дека доколку неговата ќерка биде назначена за амбасадор на САД во ОН, би можел да биде обвинет за непотизам.Поради тоа, американскиот претседател истакнал дека размислува и за поранешната негова советничка, Дина Пауел која што беше на функција во Белата куќа во текот на првата година од мандатот на Доналд Трамп.

Покрај Дина и Иванка, нов претставник на САД во Обединетите нации би можел да биде и Ричард Гренел, амбасадор на САД во Германија, како и Џон Хантсмен кој што е амбасадор на САД во Русија, а за време на мандатот на Барак Обама беше и амбасадор на САД во Кина.

Зошто Ники Хејли одлучи да ја напушти оваа позиција, засега останува мистерија, а во меѓувреме, освен што демантираше дека планира да се кандидира на претседателските избори за две години, таа исто така и демантираше дека е во лоши односи со американскиот претседател.