СЈО ќе преживее, но не и „бомбите“


Специјалното јавно обвинителство ќе ги продолжи истрагите и обвиненијата што ги покрена и по рокот од 18 месеци од преземањето на прислушуваните материјали, но „бомбите“ ќе може да ги користи како докази само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 години. Ова се клучните одредби на предлог-законот за Јавното обвинителство во кој трајно е регулиран статусот, автономијата и надлежностите на СЈО, кој Владата го усвои на вчерашната владина седница.

„Материјалите од незаконското следење на комуникациите Специјалното јавно обвинителство може да ги обработува најдоцна до 15.9.2020 година и тие може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година. Материјалите од незаконското следење на комуникациите кои не се дадени како докази во судовите ќе се чуваат во Специјалното јавно обвинителство една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а ќе бидат уништени согласно одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно закон. Записниците за уништување задолжително се доставуваат до јавниот обвинител на Република Северна Македонија“, се вели во една од одредбите на предлог-законот. Тоа значи дека за предметите што биле отворени по рокот од 30 јуни, како „Монструм“, но и предметите што уште се во истрага, а се водат против високи функционери на ДУИ, СЈО ќе треба „бомбите“ да ги користи како индиции, но не и како докази.

Освен овие предмети, „бомбите“ нема да се користат и за неуспешниот попис за кој се осомничени Али Ахмети и Никола Груевски, за патните трошоци на поранешната пратеничка Силвана Бонева, за здравствената опрема на сегашниот вицепремиер Бујар Османи и за истрагата против поранешниот вицепремиерот Зоран Ставрески, кој беше еден од ретките функционери од ВМРО-ДПМНЕ против кого не е покренато обвинение. СЈО ќе треба да го докажува и криминалот на бизнисменот Орце Камчев без користење на „бомбите“ како докази, а разговори нема да се слушаат ниту за предметот „Талир“, кој се однесува на нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Своите предмети обвинителите на СЈО ќе ги застапуваат пред Основниот и Апелацискиот суд, а пред Врховниот суд ќе оди обвинител од републичкото обвинителство, со што се премостува правното мислење на Врховниот суд кој го прогласи СЈО за ненадлежно да постапува по спорниот рок.

Специјалното јавно обвинителство ќе биде во рамките на Јавното обвинителство, но ќе ужива своја автономија. Освен за кривичните дела што произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите за периодот од 2008 до 2015 година за кои се поднесени обвиненија или отворени истраги, СЈО ќе гони перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, проневера и измама во службата, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание, противправно стекнување и прикривање имот, измама при работењето со хартии од вредност и удели, злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, спречување, ограничување, нарушување конкуренција или злоупотреба на овластување во стопанството извршени од избрани или именувани функционери во државни органи, единици на локалната самоуправа и одговорни лица во политички партии.

По усвојувањето на предлог-законот на Влада доаѓа потешкиот дел, односно обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието за да се реши статусот на СЈО, кој е клучен за добивање на препорака за почеток на преговорите со Европската Унија. Премиерот Зоран Заев вели дека следува периодот на убедување на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, независната пратеничка група и помалите партии на етничките Албанци.Ако се обезбедат 80 пратеници во Собранието за да се донесе законот, можно е уште месецов да биде изгласан.

„Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако има секаков вид очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка“, рече Заев.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи очекува мобилизација на сите ресурси – политички, административни и општествени, со цел да се спроведат реформите потребни за позитивен извештај од ЕК и датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Ние како Влада имаме 68 пратеници, така што очекуваме да добиеме поддршка и од другите политички партии, за да имаме најмалку 80 пратеници. Сметам дека нема политичка партија што не се залага за борба против корупцијата. Нема политичка партија што сака да не добиеме датум во јуни и очекувам дека, како што го донесовме Законот за борба против корупцијата, да постигнеме консензус и во делот на законот на обвинителство бидејќи овие два закона се столбовите на антикорупциската политика и правната држава“, рече Османи.Тој додаде дека доколку не се успее во напорите да се добие препораката и датумот за преговори, тоа ќе биде неуспех не само на Владата туку и на државата.

 

ВМРО – ДПМНЕ бара лидерска средба за договор за СЈО

 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски, рече дека неговата партија најпрво треба да ја види содржината на законот за СЈО за да може да изнесе конкретен став.

„Знаете дека законот е донесен со политички чин, консензуално и затоа сметам дека дополнително кога се носи ваков закон треба да има разговори со сите политички лидери. Ние не сме против правото и правдата, но сме против селективна правда. На овој начин можеме да заклучиме дека Владата само сака да се ослободи од законот и да ја префрли топката кај противниците“, истакна координаторот на пратеничката група на опозициската партија.

Како што посочи тој, ВМРО-ДПМНЕ смета дека има многу теми за разговор и поради тоа е потребна лидерска средба.

„Сè уште немаме одговор во однос на нашето барање јавниот обвинител да се избира по предлог на опозицијата. Немаме договорени детали ниту за останатите реформски закони“, кажа Мицевски и подвлече дека ова се прашања за кои треба да се преговара и да се донесе заедничко решение.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски