Судот во Јужна Африка ја зголеми казната за Писториус од шест на 13 години


Судот во Јужна Африка го зголеми времетраењето на затворската казна за Оскар Писториус од шест на 13 години. Параолимпиецот е осуден за убиство на неговата девојка Рива Стенкамп во февруари во 2013 година.

Минималната законска казна за убиство во Јужна Африка е 15 години што сега ја доби Писториус, но притоа во предвид се земени двете години што досега ги отслужи, па зад решеки му преостануваат уште 13 години и пет месеци.

Атлетичарот во 2016 година е прогласен за виновен за случајното убиство на неговата девојка. Писториус пукаше низ затворена врата од тоалетот мислејќи дека неговиот дом е мета на провалник. Судот тогаш одлучи дека тој не е виновен за убиство со предумисла за што можеше да добие и 25 години затвор. Писториус е сопственик на шест златни медали од Параолимписките игри и влезе во историјата како прв спортист со инвалидитет што учествуваше на Олимписки игри во Лондон во 2012 година.