Струмичани пред протести-„Еуромакс“ чека дозвола за старт
Додека Струмичани се подготвуваат за протести против отворањето на рудникот Иловица, Министерството за економија чека Владата да одлучи по предлогот за спојување на двете концесии на „Еуромакс рисорсис“. Во тек е постапката за комплетирање на документацијата за да може концесионерот да добие дозвола за експолатација на рудите. Од компанијата концесионер се децидни дека нивниот проект нема да има какво било влијание врз здравјето на граѓаните, ниту ќе има негативни ефекти на земјоделството.
„Еуромакс рисорсис“ од Министерството за економија добила две соседни концесии за експлоатација на бакар и злато на локалитетот “Иловица” во општина Босилово и во општина Ново Село. Првата, од 2012 година гласи на име на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје за локалитетот “с.Иловица”, општина Босилово.
„По барање на „Еуромакс рисорсис“ и по овластување од Владата, како концедент, склучен е и Анекс на договорот од 22.06.2015 година, со кој се доуредуваат одредбите за пренос на концесијата за експлоатација. Периодот за кој е доделена оваа концесија е до 24.07.2042 година, а е со површина од 1.680.000 квадратни километри “, велат од Министерството за економија. Од таму дообјаснуваат дека втората концесија е доделена со договор од 13 јануари 2016 година, склучен врз основа на одлука со „Еуромакс рисорсис“. „При доделувањето на оваа концесија за експлоатација, во Геолошкиот информациски систем во Министерството за економија погрешно е пресметана површината на простор на концесијата и истата, согласно утврдените координати не треба да изнесува 17.100.557 километри квадратни, туку 13.739528 километри квадратни. За таа цел, Владата донесе Одлука за изменување на Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина-бакар и злато на Друштвото за производство, промет и услуги „Еуромакс рисорсис“ на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село од 6 март оваа година. Врз основа на оваа одлука склучен е анекс на Договорот за концесија бр.24-2323/1 од 27 март 2018 година. Периодот за кој е доделена оваа концесија е до 13 јануари 2046 година, а е со површина на простор од 13.739.528 километри квадратни“, ни изјавија од Министерството за економија.
Првододелената концесија со површина од 1.680.000 километри квадратни се наоѓа во средината на вторододелената концесија со површина од 13.739.528 километри квадратни.
Еуромакс рисорсис побарал да се спојат концесиите за да може да врши рационална и економична експлоатација на минералните суровини, со оглед на тоа дека се работи за две соседни концесии и двете во сопственост на ист концесионер. Компанијата побарала од Министерството за економија да им издаде дозвола за експлоатација на минерални суровини.
„Концесионерот до Министерството за економија достави и Барање за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини, кое е во постапка на комплетирање на потребната документација“, изјавија од Министерството за економија.
Од „Еуромакс рисорсис“, на реакциите на еколошките здруженија одговараат дека рудникот за бакар и злато ќе биде пример за современо, безбедно и одговорно рударство.
„Еуромакс, по консултации со клучните засегнати страни, одлучи да не користи цијанид во процесот на преработка на рудата. Производство на концентрат за извоз ќе оди преку процес на флотација, кој вклучува дробење и мелење на рудата до многу ситен прав и физичкото одвојување на минералните зрна кои содржат скапоцени метали, како бакар, злато и сребро, од минералите што немаат вредност. Процесот на флотација не вклучува хемиско разложување или третирање на рудата“, соопшти компанијата.
Инвестицијата се најавува како една од најголемите во Македонија во последните 25 години, вредна над 343 милиони евра, која ќе придонесе за развојот на економијата и ќе резултира со раст на бруто домашниот производ од 3 отсто на годишно ниво и директно ќе вработи 500 луѓе, а индиректно уште 2.700 луѓе, преку ангажман на локални добавувачи и подизведувачи.
Еуромакс е компанија која е котирана на берзата во Торонто, а е во доминантна сопственост на престижни инвеститори од САД, Велика Британија и Канада, вклучувајќи ги и Европската банка за обнова и развој, Инвест банката, Ројал Голд и Еквинокс Партнерс. Со исклучок на ЕБОР, најголемиот дел од инвеститорите прв пат вложуваат во Македонија.