Стопирана е трансплантацијата на бубрези од починат донор


Две и пол години не е направена ниту една трансплантација на бубрег од кадавер (починат донор), иако на тоа чекаат околу 200 пациенти. Причината за застојот е во тоа што државата не воспостави систем кој ќе функционира, нема национален координатор за трансплантација ниту болнички координатори, односно нема востановен систем кој ќе се грижи за трансплантациите од починати донори.
Од друга страна, Владата донесе Програма за трансплантација во Македонија за 2018 година и за таа намена издвои осум милиони денари, односно околу 130.000 евра.

Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението за бубрежно болни пациенти „Нефрон“, вели дека проблемот е системски и треба да го реши државата.
– Средства се обезбедени, тимот што претходно работеше покажа дека успешно може да ги прави и овие трансплантации, покрај оние од жив донор. Вклучени беа доктори од Клиниките за нефрологија и за урологија и од КАРИЛ. Кај граѓаните има висока свест да донираат бубрези од член на нивното семејство кој доживеал мозочна смрт. Недостига уште системот да проработи – вели Ѓорѓиев.

Последните трансплантации на бубрег од починат донор беа направени во јуни 2015 година. Таа година имаше 11 пациенти, од кои три беа кадаверични трансплантации. Д-р Сашо Дохчев од Клиниката за урологија беше шеф на тимот за трансплантација на бубрези, тогаш рече дека имале усно известување дека трансплантацијата мора да се прекине.

– Не може некој нас да ни забранува да работиме, не може пациенти да страдаат и да чекаат за операции додека не се формира некоја нова клиника – зборуваше тогаш Дохчев пред собраниската Комисија за здравство.

Намерата беше во Македонија да се формира центар за трансплантација на органи, но и од тоа ништо не стана.

Бројките покажуваат дека годишно на одделите за интензивно лекување има меѓу 250 и 300 пациенти со мозочна смрт. Тоа се околу 600 бубрези што може да бидат трансплантирани на исто толку пациенти. Во Македонија, во периодот од 1996 година до 2011 година се направени 216 трансплантации. Во 2013 година имало 35 трансплантирани пациенти, а во 2014 година нивниот број беше 41 (29 од жив дарител и 12 од кадавер). Следната година беа направени трансплантации кај само 11 пациенти.

Првата трансплантација од кадавер во Македонија беше уште во 1989 година. Потоа, следната како изолиран случај беше направена во 2006 година. Од 2014 година беше направен обид ова пак да заживее, но ентузијазмот траеше само една година.
Утре е Светскиот ден на бубрегот, во чие одбележување ќе се вклучи и Македонија.
(С.С.З)