ССК: Потенцијал за пласирање македонски производи на индискиот пазар


Интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Индија, беше во фокусот на средбата на претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска и новоименуваниот амбасадор на Индија за Република Македонија Пооџа Капур.

Како што соопшти денеска ССК, на средбата присуствуваа и претседатели на секторските комори во рамки Сојузот, при што беше потпишан Меморандум за соработка со Балканско-индиската бизнис асоцијација (БИБА) која делува во насока на проширување и развивање на економската соработка меѓу балканските земји и Индија.

– Зајакнување на економските врски, продлабочување на економската соработка и унапредување на трговската размена меѓу државите за искористување на потенцијалот на индискиот пазар за македонските компании се нашите заложби за следниот период, истакна Арсовска и додаде дека Меморандумот за соработка се очекува да обезбеди деловна комуникација, да поттикне иницијативи за заеднички учество на конференции, симпозиуми и актуелна размена на податоци за подобрување на деловните односи.

Според ССК, Индија во последните години бележи значителен економски раст. Вкупната трговска размена меѓу двете земји лани изнесувала 58,4 милиони евра, од кои извоз 17,4 милиони евра, а увоз 41 милион евра.