„Спортске новости“: Македонци, оставете го Червар


Реномираниот хрватски дневен спортски весник „Спортске новости“ денеска излезе со коментар: „Не го даваме Лино“, алудирајќи на критиките што деновиве стигаат на негова адреса, особено од македонска страна. Во текстот се потсетува дека тој е олимписки и светски првак и оти еден пораз како тој против Шведска не може да го избрише сето тоа што го направил изминатите години.

„Читам овие денови како Македонци жестоко го критикуваат Червар. Те ова го рекол Пепи Манасков, те Борко Ристовски, те дека Лино го прегазило време, и сето тоа би било во ред да не се знае другата страна од приказната. А, таа вели дека Македонија денеска е тоа што е во ракометна смисла, најмногу благодарејќи му на Червар. И затоа би било добро тие што ги пренесуваат изјавите да ги запрашаат говорниците што Червар направил за македонскиот ракомет. Немојте да заборавите дека пред Вардар, Металург првпат полета кон Лигата на шампионите, дека таму стасаа Манасков, Георгиевски, Миркуловски, Маркоски, Јоновски, не заборавајте дека токму од Металург на Лино стигна новата млада генерација на македонскиот ракомет со Талевски, Пешевски, Кузмановски, Костевски, а тоа не е малку и затоа Македонија денеска е тоа што е, затоа Македонија денеска се бори за полуфинале на Европското првенство“, пишуваат „Спортске новости“.