Спорните фирми блиски до Самак, Ласкова, Адеми и Донев


Четири компании што добиле грантови од Фондот за иновации имаат спорна сопственичка структура. Пари од првиот повик од планот за економски раст – трет столб добиле и компании во чија сопственичка структура е поранешниот министер за странски инвестиции Веле Самак, фирмата каде што малцински содружник била сопругата на министерот за култура Асаф Адеми, фирмата во сопственост на член на семејството на поранешниот амбасадор Јован Донев и компанијата на снаата на Цветанка Ласкова, која веќе беше објавена во јавноста.
Комитетот за одобрување инвестиции повторно ќе ги преиспитува проектите на овие компании и ќе ги разгледува според критериумите за селекција и согласно правилниците на повикот. Ќе се преиспитуваат и компании кои пријавиле блискост со поранешни функционери бидејќи, според Законот за носители на јавни функции, за носител се сметаат актуелните функционери и оние што биле на јавна функција наназад две години.
Ова тело ќе проверува од кога постоела фирмата, колку време се занимава со дејноста за која добила грант, дали евентуално е формирана пред неколку месеци само за да го добие грантот. Сепак, овој комитет нема да испитува дали при добивањето на грантовите имало судир на интереси.
Комитетот за одобрување инвестиции го сочинуваат пет члена, кои се избрани и именувани од Владата и се избираат од редот на експерти со најмалку десетгодишно меѓународно искуство во областа на инвестициите во иновациската дејност. Во него членуваат четири странци и поранешниот министер за странски инвестиции Глигор Ташковиќ.
Компанијата „Микросам“ од Прилеп, во која акции има Самак, добила грант од речиси 20 милиони денари за развој на систем за роботско полагање терморекреативни, термопластични и суви ленти.
Фирмата „Декодикс“, во која како сопственик се јавува Христина Керкез, снаата на Цветанка Ласкова, добила исто речиси 20 милиони денари за проектот „Декодирај ме“. Сепак, како што соопштуваат од Фондот за иновации, Ласкова, која е посебен советник во канцеларијата на премиерот Зоран Заев, не е носител на јавна функција.
Сопственичка на компанијата „Контура“, пак, е Елена Донева, член на потесното семејство на поранешниот амбасадор Јован Донев. Оваа фирма добила пет милиони денари за проект „Чоја зелена печатница“.
Во четвртата компанија „Т-сенс“, која се занимава со креирање дигитална платформа за производи, малцински содружник е Мерита Адеми, сопруга на Асаф Адеми, министерот за култура. Од страна на компанијата до Фондот е доставено известување за извршена промена на сопственоста, односно Адеми е избришана. На оваа компанија ѝ се одобрени околу 4 милиони денари за креирање дигитална платформа за производи и услуги наменети за скандинавскиот пазар. Од Министерството за култура велат дека фирмата аплицирала за финансиска помош уште пред Адеми да биде назначен за министер за култура.
„Аплицирањето за финансиска помош во Фондот за иновации е направено од страна на компанијата во периодот кога дури не се ни знаело дека движењето Беса ќе биде дел од Владата ниту дека Асаф Адеми ќе биде министер. Во времето кога компанијата аплицирала за помош, сопругата на Адеми поседувала само мал дел од сопственоста во таа компанија. Веднаш по назначувањето на Адеми за министер, иако тоа не е предвидено со закон, но во духот на транспарентноста, сопругата на министерот се откажа од нејзиниот сопственички дел и реално таа веќе не е косопственичка во таа компанија“, велат од Министерството.
Со овој проект на Фондот за иновации грантови добија и компании во чија сопственост удел имаат и вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец. По реакциите во јавноста, двајцата се откажаа од грантовите, но сепак антикорупционерите во доделувањето грантови препознаа класичен судир на интереси. Но премиерот Заев реши да не ја прифати оставката на Анѓушев бидејќи за него немало замена.
Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка за овој предмет, но и по еден месец сè уште нема одлука за отворање истрага. Изјави за сопственичката структура поднеле сите 77 компании кои добија пари. За другите компании, пак, што доставиле изјава во која нема носител на јавна функција или член на негово потесно семејство во сопственичката структура продолжува постапката за склучување на договори за реализација на инвестициските проекти.
„Исплатата на средства, согласно процедурите на Фондот, ќе се реализира квартално. Првата рата ќе се исплати веднаш по потпишување на договорите и достава на доказ од страна на компаниите дека е уплатен нивниот финансиски удел. Остатокот од средствата ќе се исплаќа по доставен квартален извештај од компаниите за наменско искористување на средствата и реализирана контрола од страна на Фондот“, соопштуваат од Фондот.
Фросина Факова – Серафиновиќ