Сообраќаен колапс поради странците


Револтирани граѓани, редица од возила, блокирано централно подрачје, луѓе што доцнат на работа, деца на училиште… Се пропуштаат состаноци, не се исполнуваат обврски, се губат нерви и пари. Така изгледа Скопје при посета на странски државник без оглед од каков ранг. Сообраќајниот колапс, кој секојдневно се случува во главниот град, дополнително се засилува кога во земјава доаѓаат премиер, претседател или собраниски спикер на земја која нема никакви отворени прашања со Македонија и за кого граѓаните едвај да чуле. Скопјани со право реагираат дали е неопходно да се затвораат цели делови од градот за делегацијата да може слободно да мине и прашуваат кој треба да има приоритет, односно кому му припаѓа градот. Вчера Скопје заглави со словенечкиот премиер Миро Церар, кој е во дводневна посета на нашата земја, како и одбележувањето на Денот на НАТО.

Ова веќе нема никаква смисла. Со часови да не можеш да стигнеш од Аеродром во Центар. Ајде по булеварот ‘Кузман Јосифовски-Питу“ и така и така, ама штом ја преминавме Железничката станица нѐ дочека хаос. Згрчен сообраќај, возила што не можат да се помрднат ниту напред ниту назад, автобуси што доцнат. Кај комплексот банки чекавме половина час. На крајот, кај Црвек крст, место да продолжиме кон „Рамстор“, автобусот сврте накај Кисела Вода оти полицијата не дозволуваше да се вози напред “, се жалат граѓаните.

Во Министерството за внатрешни работи вчера ги прашавме врз која основа ги вршат сообраќајно-безбедносните мерки при посета на странски делегации (политички, спортски, уметнички…), дали степенот на безбедност се подигнува врз основа на рангот на гостинот, превентивно или поради добиена информација за можен напад, протести и инциденти, како и колку ги следат искуствата на странските земји.

Министерството за внатрешни работи согласно Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите мерки и активности и степените на обезбедување, презема мерки и активности за обезбедување на највисоките претставници на странски држави и меѓународни организации за време на официјалните и работни посети на Македонија. Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите мерки и активности и степените на обезбедување е пропис достапен до јавноста каде што се уредени прашањата што се предмет на интерес. Покрај останатите мерки за обезбедување, се преземаат мерки и активностите за физичко и сообраќајно обезбедување на делегацијата за време на движењето и престојот во Македонија, што е пример и кај другите служби за обезбедување во соседството и пошироко“, се наведува во одговорот што го добивме.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов објаснува дека степенот на заштита се поставува во зависност од позицијата на гостинот што престојува во посета.

За министер во влада е еден степен, за премиер, претседател на држава или на собрание е повисок. Согласно функцијата што ја извршува и важноста на земјата од каде што доаѓа или загрозеноста во светски рамки, како и во односите со Македонија, МВР пристапува со конкретни мерки, се прави план и се преземаат безбедносните акции. Повисок степен на безбедносни мерки се презема и доколку има најава за евентуален терористички напад, како на пример заканите од страна на ‘Исламската држава’, така што одговорноста е навистина голема. Што ако навистина се случи некаков инцидент? Подобро да се спречи отколку да се лекува“, ни изјави Трајанов.

Тој вели дека проблемот во Скопје е отежнат и се создава дополнителен хаос поради тоа што во градот нема алтернативни улици што би можеле да се користат во такви ситуации, односно за пренасочување на сообраќајот и избегнување блокади на главните сообраќајници.

Има уште една важна работа што мора да се напомене. При организирањето и спроведувањето на сообраќајно-безбедносните мерки, мора најпрецизно да се синхронизира и тргнувањето и движењето. Полицајците ги стопираат возилата кога ќе добијат известување оти колоната ќе помине за толку и толку минути. Но често се случува функционерите да останат уште некоја минута, да поприкажат со домаќините и за тоа време се создаваат редици од возила, оти полицаецот, кога веќе го блокирал сообраќајот, не може да ја поништи наредбата, па потоа уште еднаш да ја спроведува“, објаснува Трајанов.

Миро Церар е словенечки премиер, кој минатиот месец изненадувачки поднесе оставка незадоволен што Врховниот суд на таа земја го поништи референдумот за изградба на нова железничка пруга низ Словенија. Прашањето е дали може пократко да се запира сообраќајот и поефикасно да се обезбедува поминување на делегациите, како што се прави тоа во другите земји надвор од Македонија. Уште повеќе што истото се случува при секоја странска делегација што има официјални средби со македонските политички челници и што тоа повлекува губење време и штети, да не се споменуваат некои можни итни потреби, како превезување на смртно загрозени и болни.

Горан Адамовски