Снежни бури во Европа, Австрија затрупана во снег
Австрија-Сите австриски спасувачки служби, пожарникари, војска и комунални служби за чистење патишта веќе неколку дена се во константна борба против досега најголемите наноси на снег во најголемиот дел на оваа алпска држава.
Во делови на Австрија, само до вчера падна толкаво количество снег, колку што во просек паѓа во текот на цел јануари, наведува „Н1“. Надлежните служби се ангажирани во потрагата по голем број исчезнати туристи и локални жители, но се соочуваат и со илјадници лица отсечени од светот, блокади на патиштата поради снегот или опасност од лавини, како и со прекини на електричното напојување.
Централната служба за метеорологија и геодинамика (ЗАМГ) по вторпат во четири дена прогласи најголем степен на опасност од снежни бури и најави нови 60 цм снег на Алпите, што претставува нова опасност од лавини бидејќи снегот не успева да се стабилизира.
Од лавините посебно посебно е погоден туристичкиот регион Дахстаин, каде на одредени места снежните наноси изнесуваат и до 10 метри. Во текот на ноќта се очекува еден метар нов снег. Од викендот досега во Штаерска паднаа три метри нов снег.
Во лавините во Австрија досега загинаа 10 лица, но и уништија голем дел од патиштата. Снежната лавина во тиролската општина Финкенберг однесе 100 метри асфалтиран пат, кој сега е непрооден, пренесува Н1. На познатата скијачка планина Лосер паднаа дури четири метри снег, така што под снежна покривка останаа и жичниците кои ги водат скијачите на скијалиштата.
Снежната бура им оневозможува на хеликоптерите да учествуваат во спасувачките акции, иако сите летала на австриската војска се во состојба на подготвеност.
Цивилната заштита ги повикува сите да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат одлуките на надлежните служби и во никој случај да не одат на скијање доколку патеката е официјално затворена.
Снежното невреме ја погоди и германската покраина Баварија, каде сè повеќе скијачки патеки се затворраат поради обилните снежни врнежи и опасноста од лавина. Проблем претставува и тешкиот снег на дрвјата, поради кој постои опасност од уривање на стеблата, кои би можеле да паднат на патеката или на жичницата.
Во снежните бури во Европа, во изминатите неколку дена загинаа најмалку 13 лица, од кои најголемиот дел во лавините во Австрија и Германија. Во Норвешка трае потрагата по четворица скијачи откако лавина го погоди градот Тромсое, на северот на земјата. Се стравува дека Швеѓанката и тројцата Финци се мртви.