Случај „Поткуп“: Заев даде исказ, скратената снимка ќе се гледа на 9 мај


По кратката пауза што беше дадена поради проблеми со компјутерскиот систем во Кривичниот суд, премиерот Зоран Заев како обвинет во случајот „Поткуп“ продолжи со давање исказ во врска со постапката за продажба на државно градежно земјиште.

Тој посочи дека цената за продажба на државно земјиште ја одредува Владата и дека таквата одлука не зависи од општинските служби.

Заев рече дека во врска со изградбата на храмот, струмичките бизнисмени одржувале состаноци со владиката Наум, на кои се договарало самите тие да донираат за да бидат мотивација и за сите други граѓани.

– Моето семејство преку своите фирми беше прво што уплати пари на сметката за црквата. Донираа и најголем процент од градежните материјали, а јас како градоначалник лично од моја сметка уплатив пари за изградба на храмот, рече Заев.

Одговарајќи на прашање на адвокатот Филип Медарски, Заев рече дека неколку дена пред да биде снимен во канцеларијата на градоначалникот на Струмица, по завршување на состанокот на Економско-социјалниот совет, сведокот Иван Николов му пристапил и почнал да разговара за донацијата за црквата.

– Неговите зборови беа: Господине градоначалник јас нема да можам да донирам по три евра за метар квадратен од причина што власта ќе го смета тоа за поддршка на Заев, рече премиерот пред судот.

Заев му одговорил на Николов дека „тоа е меѓу него и Господ и дека колку милува, толку и да донира“.

Според Заев, тоа бил и првиот обид на сценариото за негово местење за политички цели.

– Мојата претпоставка е дека со одредени лица во тоа време, меѓу кои и Митко Чавков, кој исто така е струмичанец, почнало да се реализира сценариото за да ме спречат како шеф на опозицијата да ги објавам политичките бомби, рече Заев.

Следното рочиште за „Поткуп“ ќе биде одржано на 9 мај кога ќе се гледа скратената снимка што беше објавена на Јутјуб. Снимката денеска не беше пуштена во судницата бидејќи немаше немаше технички можности за тоа.

Целосната снимка поради која Зоран Заев се товари за примање поткуп, беше пуштена на минатото рочиште без присуство на јавноста.

На претходните рочишта Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа. Според него, со емитување на скратената верзија од снимката му била нарушена честа и угледот.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.