Словенија и се закани со тужба на Хрватска за границата


Словенечкиот премиер, Миро Церар, изјави пред парламентот дека најдобро би било Хрватска самата да се согласи на спроведување на арбитражната одлука за границата меѓу двете земји. Тој се закани дека во спротивно Словенија ќе биде принудена да тужи.

Церар ова го изјави по затворената седница на собраниската комисија за надворешни работи на која придружуван од повеќе министри на пратениците им објаснил што неговата влада прави во насока на спроведување на одлуката на арбитрите, која пак, Хрватска не ја признава.

Што се однесува до можната интервенција на Европската комисија во арбитражниот спор, Церар изјави дека очекува претседателот Жан-Клод Јункер, или првиот заменик-претседател, Франс Тимерман, на хрватската страна да и понудат „некои конкретни можности кои ќе доведат до спроведување на одлуката“ и дека верува оти за таквите можности ќе биде информиран во следните денови, кога ова иницијатива на Комисијата би била „до одреден степен завршена“.