Ситни и крупни риби


Во последно време будно го следам новиот хумористичен серијал на Саша Барон Коен, „Кој е Америка“ (Who is America). Со помош на лажни интервјуа, во кои максираниот Коен игра различни улоги, тој ги наведува своите жртви на скандалозни изјави и дејствија кои всушност ја демаскираат нивната шовинистичка, расистичка – и често убиствена природа. Ова демаскирање е брутално, и често етички проблематично: жртвите на Коен се наведени преку лага да го кажат она што го сметаме за нивно вистинско мислење; тие се измамени да прават навистина срамни работи преку кои испливува на површина нивното слепо незнаење за другиот и различниот, кое води кон убиствена омраза. Поради оваа безмилосна сатира во која Коен грубо ги исмева и посрамотува мразачите на муслимани, црнци, Мексиканци, бегалци, жени и хомосексуалци, го гледам Коен малку како воин кој правдата ја тера преку комедијата. Комедијата, посебно сатирата, чија основна карактеристика е нејзината подучувачка природа, често служи како општествен коректив. Во отсуство на правен коректив, на пример, механизам кој би го осудил говорот на омраза, или не би дозволил претседател на Соединетите Американски Држави да е шовинистички, лажлив ксенофоб, бруталното исмевање претставува еден вид казна.

Во својот хумористичен казнен поход, Коен ги таргетира крупните риби во американското општество – видни политичари, властодршци и создавачи на јавно мислење (од кои можеби најпознати се Сара Пејлин и Дик Чејни). Но, Коен никогаш не ги поштедувал ситните риби во своите скечеви, уште пред да се појави „Кој е Америка“ – сетете се само на сцената каде што во локален бар во Тусон, Аризона, Коен маскиран во ликот на Борат ги наведува гостите да пеат песничка за тоа како треба да го фрлат Евреинот во бунар за земјата да живее во слобода. Коен често е критикуван за оваа своја постапка: зошто ги исмева обичните луѓе, или оние послабите од него? Зошто не ги поштедува овие ситни риби, и не се занимава само со крупните – со моќниците што ги креираат овие политики на омраза, исклучување и убиство?

Во едно свое интервју за списанието „Ролинг стоун“, Коен индиректно ја објаснува оваа своја тактика, велејќи дека апатијата на луѓето е всушност таа што ги прави опасни – во случајот со скечот во барот во Тусон, проблемот е рамнодушноста кон антисемитизмот. Ако го воопштиме ова, рамнодушноста на човекот кон политиките на омраза и убиство го прават него соучесник во злосторството.

За мене, рамнодушност кон злосторството е соучесништво, или ако ништо друго, е поттикнувач на злосторството. И сметам дека такво злосторство заслужува казна. Да, општо е познато дека главните моќници што ги создаваат политиките на омраза, кои често одат под рака со нивните коруптивни дејствија, ги заслужуваат најголемите и најстрогите казни. Но тоа не значи дека извршителите на ваквите политики не треба да бидат казнети бидејќи се ситни рипчиња. И уверена сум дека не треба да ги гледаме овие луѓе како безопасни. Наивната и доброчудна тетка со која се гледаш двапати годишно по родендени и слави можеби не е толку наивна и фина ако на Фејсбук се сити на жртвите на грчките пожари. Мутавиот другар од средно со кој си се запивал низ град можеби и не е толку безопасен ако папагалесто повторува „добар Шиптар е мртов Шиптар“.

А, кога сме веќе кај крупните наспрема ситните риби, не можам а да не признаам дека не почувствував злорадост кога видов дека го привеле поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, човекот кој со своето безобразно и деспотско раководство го инспирираше никнувањето на еден куп активистички групи. Потоа видов дека со него настрадале уште неколку ситни риби од општината – вработени административци преку кои Стевче веројатно (наводно, да не испадне дека човекот е чист како солза, замислете си) си ги терал валканите бизниси со кои директно ни брцкал во џебовите и го осиромашувал квалитетот на нашиот живот за, замислете, да си го подобри својот и на своето семејство. Семејството, таа света групација, секогаш е број еден изговор за злостор, па и Тони Сопрано правеше се за своето семејство. Прво ми падна жал за тие ситни административни рипчиња, посебно кога видов како ги спроведуваат со лисици на рацете, а главите им се подведнати. Но, потоа се разлутив што така се чувствувам. Токму со тие административци, додека се боревме да не се донесе срамниот ДУП за Карпош 4, имавме жестоки расправии во кои тие бесрамно се залагаа за уништување на просторот во кој тие живееле и во кој живеат нивните соседи. Тие толку безглаво ги бранеа лагите на Стевчо, што на социјалните мрежи ксенофобично лажеа дека во Карпош ќе се граделе бегалски кампови, заборавајќи дека нивните соседи се бегалци. Следствено, не верувам дека се ова само слепи потписници на корумпираните шеми на Стевче. Тоа се одговорни луѓе што работат во институции кои ние ги плаќаме со нашата работа. Како одговорни, возрасни луѓе, и тие треба да сносат одговорност за своите дејствија, без разлика што во нив можеме да го препознаеме својот сосед, својата тетка, својот другар од средно.. Тука би сакала да ги посочам административните службеници кои потпишуваат што ќе им стигне под рака, наводно несвесни за своите постапки – и за таа „несвесност“ треба да се сносат последици. Овој пат, и се надевам последен, одбивам да сочувствувам, одбивам да чувствувам жал.

Румена Бужаровска