Северна Кореја не се плаши санкциите да траат уште 100 години


Северна Кореја се потпира на сопствените сили и затоа може да опстои во услови на меѓународни санкции и во следните сто години, се наведува во редакцискиот коментар во денешниот број на весникот на севернокорејската владејачка Работничка партија на Кореја, „Родонг Синмун“.

Во текстот се изнесуваат остри критики кон меѓународната заедница поради санкциите кон Северна Кореја.

– Нашите непријатели ни воведоа убиствена блокада, откако пропаднаа нивните обиди да не заплашат со воена сила. Меѓутоа, за нас воопшто не е важно уште колку ќе траат тие санкции – уште десет или сто години. Ние ќе ги надминеме сите проблеми, ќе станеме најсилна држава во светот и социјалистички рај на земјата, се наведува во текстот.

Весникот ги повикува граѓаните на Северна Кореја да вложат напори за обезбедување на економски раст на земјата, со тоа што ќе развиваат сопствени технологии и производство и на тој начин ќе ги направат залудни меѓународните санкции .

Коментарот на гласилото на севрнокорејската владејачка партија следи откако во средата на средба во Москва замениците министри за надворешни работи на Русија, Кина и Северна Кореја повикаа на преразгледување на санкциите на Советот за безбедност на ОН кон Пјонгјанг.