Северна и Јужна Кореја сакаат да бидат домаќини на ОИ во 2032 година


Јужна и Северна Кореја влегуваат во нова фаза од „разбудената љубов“. Официјалните претставници од двете до вчера завојуваните соседи најавија дека планираат заеднички да се кандидираат за домаќинство на Олимписките игри во 2032 година. Станува збор за амбициозен проект и уште еден показател на спортската дипломатија по заедничкиот настап на зимските Олимписки игри во Пјонгчанг.

Тој проект ќе изискува досега невидено ниво на соработка и меѓусебна доверба меѓу двете земји“, се наведува во заедничката изјава по состанокот на претседателите на двете Кореи, Ким Џонг-ун и Мун Џае-ин во Пјонгјанг.

Иако главните теми на состанокот биле денуклеаризацијата и мирот на Корејскиот Полуостров, веста за заедничката кандидатура за ОИ ги засени политичките информации.

Југот и Северот се договорија за заедничко и за активно учество на спортските натпреварувања, меѓу кои се Олимписките игри во 2020 година, како и соработка околу кандидатурата за домаќинство на Игрите во 2032 година“, стои во заедничката објава.

На Зимските олимписки игри во Пјонгчанг спортистите од двете Кореи заеднички учествуваа во прошетката при официјалното отворање. На стадионот влегоа под знамето на Обединета Кореја (сина карта на Корејскиот Полуостров на бела подлога), а имаа заедничка екипа во женски хокеј на мраз. Од Северна Кореја, која важи за најзатворена земја на светот, на игрите пристигна делегација од 550 лица. Покрај тоа, Ким Џонг-ун ја испрати својата сестра Ком Џо-јонг во Пјонгчанг.

Светот беше во шок затоа што само неколку недели претходно, балистичките проектили од Северна Кореја летаа преку територијата на Јужна Кореја.

Колку овој договор е всушност неверојатен, најдобро говори фактот што тие две земји практично сè уште се во војна, која започна во 1950 година. Имено, тие никогаш службено не ја завршија војната, туку само потпишаа примирје“, се чудеа светските медиуми.

Имаше незадоволство и во Јужна Кореја, се потпишуваа стотици петиции во кои се изразуваше незадоволство од заедничкиот настап. Главниот нивен аргумент беше дека според проценките на меѓународната заедница, во логорите во Северна Кореја се наоѓаат повеќе од 200.000 луѓе, кои брутално се изгладнувани, мачени и на крајот убивани. Никој од домашните граѓани не смее без согласност од државниот врв да ги напушти границите што се надгледувани од војници.

После Олимписките игри, јужнокорејските и севернокорејските челници се сретнаа уште трипати. Меѓу другото, беше формиран и заеднички тим во пинг-понг за натпреварите на Азиските игри.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, неодамна изјави дека е отворен за разговор за заеднички настап на спортистите од двете Кореи на ОИ за две години во Токио.