Се урна авион со 189 патници во Индонезија


Авион со 189 луѓе потонал, откако се урнал покрај брегот на индонезискиот остров Јава, набрзо по полетувањето од Џакарта, објавија локалните власти.

Агенцијата за спасување на Индонезија потврди дека авионот на „Лајон ер“ изгубил контакт со контролата на летање 13 минути по полетувањето.

„Сѐ уште не знаеме дали има преживеани“, изјавил шефот на агенцијата Мухмад Сијаги, додавајќи дека не бил примен никаков вознемирувачки сигнал од авионот. Тој рече дека на местото каде што се најдени остатоци од леталото, во водата се пронајдени и појаси за спасување и слушалки.

Спасувачите бараат по евентуално преживеани луѓе од падот на авионот, иако првите информации кажуваат за најлошото сценарио.

Блиски роднини на оние кои биле во авионот, веќе се на аеродромот во Џакарта, и чекаат информации за нивните најблиски.

„Засега можеме да потврдиме дека авионот е урнат. Меѓутоа не можеме да кажеме никакви детали за причината, како и за преживани или загинати лица“, рече портпаролот на компанијата Јусуф Латиф.

Авионот е од типот „боинг 737-8оо Макс“.