Се помалку спорт за џабе – Македонија на „Спортклуб“ до 2020 година


Националните телевизии во регионот доживеаја тежок удар од аспект на спортската понуда во нивните содржини за периодот што следува. Го зададе „United Media Groupe“ која ги откупи правата за пренос на фудбалските натпревари на репрезентациите од поранешна Југославија (исклучок е Косово) за новоформираната Лига на нации, за квалификациите за ЕП 2020 и за самиот завршен турнир што за првпат ќе се одржи во 13 градови во 13 различни држави. Пакетите за територијата од Вардар до Триглав ќе одат на фреквенцијата на ТВ „Спортклуб“, со централа во Белград, која се пробива во етерот (Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Словенија) преку разни кабелски понуди и оператори. Критериумите за добиениот ексклузивитет се јасни – голема покриеност на подрачјето и, секако, финансиската понуда. Нејзината платежна моќ е неспоредливо поголема во однос на ХТВ (Хрватска) и РТС (Србија) кои важат за лидери на подрачјето, за МТВ и да не говориме. Сите порачуваат дека лицитирале со повисоки суми од досега, но ниту една не била доволно силна да помине. Бројките, велат, се деловна тајна, но нагласуваат дека вкупната понудена сума на шесте јавни сервиси била двојно помала од цената по која групацијата стана сопственик на ТВ правата.

Николовски: Јавните сервиси стануваат се понеконкурентни со регионалните спортски канали

Спортскиот новинар и коментатор во МТВ, Драган Николовски, со жалење констатира дека националните телевизии ја губат улогата на играчи на пазарот. Ова е, вели тој, само почеток на крајот на спортот како програмска содржина кај јавниот сервис.
„Националните телевизии стануваат се понеконкурентни со регионалните спортски канали. Сериозен показател за тоа е продажбата на правата за пренос на натпреварите на фудбалските селекции во Лигата на нации, во квалификациите за ЕП 2020 и самото ЕП 2020. Спорт ќе има се помалку на телевизии што не се спортски. Со ова не е погодена само МТВ туку и јавните сервиси во поранешните ју-републики“, изјави Николовски за „Независен“.
За конкретната сума што МТВ ја понудила не сакаше да говори ниту, пак, за колку пари „United Media Groupe“ ги откупи ТВ правата за просторите на екс СФРЈ. Она што е договорено и од поодамна извесно е дека претстојното СП во Русија ќе оди на програмите на МТВ како и наредното во Катар во 2022 година.

Која е „United Media Groupe“, пребогатиот играч на пазарот?

„United Media Groupe“ е компанија чиј прв човек за овој дел од Европа е Србинот Драган Шолак. Како сопственик на СББ или „Serbia Broadbrand“ откупи неколку фирми од Македонија до Словенија што ги обедини во една наречена „United Media Groupe“. Мнозинскиот пакет акции подоцна го продаде на американскиот инвестицки фонд „ККR“ (Kohlberg Kravis Roberts), со седиште во Њујорк и на Кајманските острови, чија вредност се проценува на 150 милијаради долари. Продажбата, се пишуваше, дека ја наплатил околу една милијарда евра пришто во „United Media Groupe“ остана како малцински акционер и извршен директор. Важи за најголема „pay per view“ платформа на територија на поранешната држава и во нејзина сопственост се „Н1ТВ“, „Спортклуб“, „Дома ТВ“, „Поп Тв“, „Канал А“ и неколку други. Хрватските медиуми во изминатиот период посветија поприлично внимание и на можноста за преземање на „Нова ТВ“ од „KKR“ што како пречка засега е Агенцијата за електорнски медиуми со образложение дека на тој начин ќе дојде до недозволива конкуренција.

Парите ги диктираат условите на пазарот

Дали Македонската телевизија во меѓувреме ќе успее да избоксува некакво право за пренос на настапите на „црвено-жолтите“ во Лигата на нации и во квалификациите за ЕП 2020 е крајно неизвесно, да не речеме е невозможно. Финансиите ги диктираат условите на пазарот, а тие се рак-рана за јавниот сервис во оваа ситуација и сличните на неа. Во случајот ќе бидеме сведоци на радост и на тага од настапите на најдобрите македонски фудбалери ќе бидеме преку „Спортклуб“, платформа што во Македонија е дел од понудата на двата мобилни оператора „Т-мобиле“ и ВИП“.
Темата во секој случај упатува на дебата за уреденоста на пазарот во Македонија по ова прашање и каква ќе биде обврската на националниот сервис кон ТВ претплатниците иако таквата теза ја гази време и веќе се напушта.
Досегашните искуства, неофицијално, за големите светски спортски манифестации чинат многу, ТВ правата стануваат се поскапи додека маркетингот не враќа ниту половина од вложените средства. Затоа и не треба да се говори за некаков срам за МТВ туку отворено да се дискутира дали и колку државата може да интервенира во законските рамки ако се утврди дека настапите на фудбалската репрезентација и неа сличните се настани од национален интерес. Бидејќи во овој момент, правата за пренос на нејзините средби се наоѓаат во Белград.