Саудискиот државен обвинител пристигна во Турција


Турција – Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија, Сауд ал Моџаб, допатува ноќеска во Турција во рамки на истрагата за убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул, јави Анадолија.

Ал Моџаб во Истанбул ќе има средба со главниот турски обвинител Ирфан Фидан, и ќе го посети Конзулатот на Саудиска Арабија.

Џамал Кашоги, новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ и соработник на весникот „Ал Ватан“, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, а во истиот период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со одделни летови пристигнале, а потоа ја напуштиле Турција.

Истрагата за убиството на новинарот е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.

Властите на Саудиска Арабија соопштија дека Кашоги наводно е убиен за време на расправија во Конзулатот.