Сакаме воздух, многу ли бараме?


Високите вредности на ПМ 10 честичките не ги дочекаа ниските температури ниту, пак, грејната сезона да дојде во полн ек. Загадениот воздух полека, но сигурно, ни станува секојдневие, а свесни сме дека ќе биде само полошо. Здравствените организации токсичниот воздух веќе го карактеризираа како тивок убиец, а доказ за тоа се 500.000 смртни случаи годишно, што ги објави Европската агенција за животна средина и кои директно ги поврзува со заболувањата на респираторниот и кардиоваскуларниот систем, последица од изложеност на воздух со лош квалитет.

Според извештаите на Светската здравствена организација, со токсичен воздух се соочуваат 41 држава во Европа, а најлоша е состојбата во Македонија. Нам, секако, не ни кажаа ништо ново, ние во таа агонија живееме и дишеме отрови повеќе од десет години. Скопје и Тетово минатите години беа на шампионските места на листата на најзагадени градови во светот, со концентрации на ПМ 10 честичките од 1.000 микрограми на кубен метар. А, и овие вредности се дискутабилни бидејќи тоа е горниот лимит што го мерат мерните станици на Министерството за животна средина, па бројките можеби биле и полоши.

Сепак, ниту катастрофалните бројки, ниту рангирањата што ги добиваме од европските организации, ниту, пак апелите на граѓаните и еколошките организации не беа освестувачки ниту за Министерството ниту за локалните самоуправи, како таму да работат луѓе што не живеат во овие градови. За половина година веќе сме го исполниле годишниот лимит на 35 дена во кои се дозволени загадувања над минималните вредности.

Покрај тоа, на прагот на зимата две од мерните станици, во Лисиче и во Гази Баба, сè уште не работат, а Министерството ќе ги вратело кога ќе се поправеле. Не кажуваат кога, може и следната година. Но затоа, пак, деноноќно се работи на градилиштата, а со амин на општините се отвораат и нови, и тоа во тревници. И наместо да се фатат за буџетот и да извадат пет-шест милиони евра и да го исплатат инвеститорот кај Мајчин дом и засекогаш да зацртаат зеленило таму, тие нацртале нова маркичка за индустриски капацитет во дворот на некогашна „Железара“, на два-три километри од центарот на Скопје. Како да не е малку што секоја втора недела излегува по некое видео со црни чадови од веќе постоечките капацитети. И тоа на државна земја, уште еден бизнис, за некој да заработи некој милион на сметка на нашето здравје.

Очигледно, никој не го слуша апелот на граѓаните, особено не оние што галантно располагаат со нашите пари. А сè им е јасно кажано. Сакаме воздух, и тоа чист, цела година. Ако треба да се обесштети инвеститор за да не чепка зеленило, повелете дајте му, сите ќе кажат алал за тие пари, многу повеќе отколку да ги инвестирате во некои плочки или стиропори. Но потоа сакаме да барате одговорност и да ни ги вратат оние што го дозволиле тој криминал. Кревањето раменици од типот тоа е тоа, сè пробавме, не минува повеќе. Урбанистичкото лудило мора да заврши пред да биде доцна.

Купете им на луѓето нови печки или инвертери, ама не по 100 или 200 во годината, бидејќи само во Скопје има над 50.000 семејства што се греат на дрва и дома си дишат отров. Според вашата динамика, печки ќе субвенционирате следните 200 и повеќе години. А, и за тие што градат мора да има некој ред. Градежната сезона мора да има почеток и крај, а рушење и кревање прашини кога воздухот е загаден мора да биде забрането. Сите овие мерки можат да се направат веднаш, иако знаеме дека е полесно да се зборува за среднорочни и долгорочни мерки, кои може и нема да ги доживееме.

И, конечно, дајте ги резултатите што сработиле инспекторите за животна средина на терен? Малкумина се, Градот Скопје има четири, општините имаат по еден-двајца, но како да нема ниту еден. Како е можно да нема казнет капацитет, како сите да работат по шведски закони и практики? Ниеден оџак не загадува, ниедни резултати од мерења не се наштимани, милина. За жал, нашите бели дробови зборуваат поинаку.

Сања Наумовска