Русија и моралниот банкрот на Западот


Често се вели дека Русија е конкурент на западната демократија, но тоа е погрешно. Оваа земјата се раководи само во интерес на  Владимир Путин и нанеговиот олигархиски круг. Нејзиниот режим е само модел за млади и надежни клептократи.

Поголемиот дел од светот не се стреми ниту кон политиката на Русија ниту кон нејзиниот животен стандард. За жал, главната идеолошка закана за Западот доаѓа однатре. Машината за извлекување богатството на Путин ги открива моралните неуспеси на Западот. Неговите соучесници не би можеле да го сторат тоа без наша помош.

Ова е особено точно за САД и за Велика Британија. За разлика од повеќето западни демократии, САД и Велика Британија дозволуваат анонимна сопственост. Повеќето демократии законски бараат да се објават сопствениците на имот, компанија или други недвижнини. Но, не е така и во најголемите демократии каде што официјален јазик е англискиот. Околу 300 милијарди долари се „перат“ во САД секоја година, според американското министерство за финансии. Велика Британија и нејзините офшор-финансиски центри заработуваат околу 125 милијарди долари. Поголемиот дел од нив поминуваат незабележани. Најголемиот странски удел во тие пари е руски, според Андерс Асланд, водечки експерт за руската економија. Проценките за личното богатство на Путин се движат од 50 милијарди долари до 200 милијарди долари. Дури и пониската бројка ќе го надмине бруто-домашниот производ на повеќето земји членки на ОН. Сепак, презедовме неколку чекори што го нарушуваат тоа.

Западните протерувања на 130 руски дипломати сигурно изгледаат како акција – и е далеку подобро од неправењето ништо. Меѓутоа, само тоа не би влијаело  многу за да се наруши овој рингишпил. Навистина, традиционалните „ти мене – јас тебе“ протерувања создаваат илузија на криза која му одговара на Путин. Тоа е „кабуки“ театар во руски стил. Зошто инаку Доналд Трамп или Тереза ​​Меј би се согласиле на тоа?

Сомнежите на американскиот претседател и на британскиот премиер заслужуваат истрага. Бесрамноста во труењето со нервни агенси во Велика Британија ги направи овие сомнежи невозможни за игнорирање.Тоа беше исто како Путин да го оставил својот потпис.Можеби тоа беше затоа што Велика Британија премалку ги истражуваше најмалку 14-те сомнителни смртни случаи на Руси на својата почва во претходната деценија. Многу од тие случаи, како оној со прогонетиот олигарх Борис Березовски во 2013 година, беа сметани за самоубиства. За другите беше пресудено дека се од природни причини, како што беше со смртта на „свиркачот“ Александер Перепилични во 2012 година.

Во многу случаи Министерството за внатрешна безбедност на Обединетото Кралство, кое шест години беше предводено од Тереза Меј, намерно пролонгираше. Меј одби  да ги објави владините досиеја за истрагата околу Перепилични. Ова се случи и покрај фактот дека во неговото тело се пронајдени траги од гелсемиум, токсична билка која предизвикува срцев удар.

Велика Британија сега е втурната во приказна за решителност. Откако ја создаде сликата за западно единство, Тереза Меј почна подобро да изгледа. Во споредба со Џереми Корбин, лидерот на лабористите и повремен русофил, таа изгледа како вистинска наследничка на Тачер. Сепак, протерувањата малку ќе сменат. Зад голем дел од трансакциите со имот во Лондон стојат Руси. Премногу банки во Лондон, агенти за недвижнини и набавувачи на луксузни услуги се стремат кон руски пари.

САД, како и Велика Британија, се гостопримливи за валкани пари. Но, во еден клучен однос, Америка е подлабоко компромитирана. Често се заборава дека Путин ја обвини Хилари Клинтон за „протекувањето“ на „Панамските документи“ во 2015 година, што ја открија мрежата на прекуокеанските компании, соработници и методи со кои тој и неговите пријатели ги криеле своите пари. На пример, „протекувањето“ на овие документи покажа дека нето-вредноста на најблискиот пријател на Путин, Сергеј Ролдугин, е околу 130 милиони американски долари. Ролдуин е виолончелист по професија.
Друг соработник беше Михаил Лесин, поранешен висок советник на Путин и основач на телевизиската мрежа РТ (поранешна „Раша тудеј“). Односот меѓу Лесин и Путин стана непријателски подоцна и тој беше пронајден мртов во хотел во Вашингтон во 2015 година. Иако на неговото тело беа пронајдени траги од тепање, на американските власти им беа потребни неколку месеци за да ја прогласат смртта како несреќен случај. Лесин требаше да даде докази за федералните истражители следниот ден.

Дали е воопшто изненадување што Путин станал толку храбар? Обидите на Русија да ги наместат американските избори во 2016 година беа делумно одраз на намерата да ѝ вратат на Клинтон за „Панамските документи“.

Поголемиот дел од Западот е постојано под закана од страна на Русија. Но, руската економија не е поголема од италијанската, додека нејзината војска е очајна. Ги води автократ, кој не се осмелува да го ослободи притисокот од страв дека ќе изгуби сѐ. Оружјето од кое Путин најмногу стравува е транспарентното сметководство. Секако, тој го чува своето богатство во јурисдикции каде што правата на сопственост се безбедни и владеењето на правото сѐ уште постои.

Како врв на сето тоа  Западот нуди диктаторска зделка: алчност на систем што го изгубил моралниот компас. Сето тоа беше вистина пред  изборот на Трамп за претседател. Колку е побогата таа зделка сега? (Фајненшел Тајмс)