Русија – главна тема на средбата на шефовите на дипломатии на земјите од НАТО


Русија е главна тема на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Брисел.

Тие ќе разговараат за начините како Москва да се одврати од дестабилизација на Украина, а воедно и да се охрабри да го почитува Договорот за нуклеарни проектили со среден и кус дострел.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и неговите партнери од НАТО ќе разговараат со украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин, во период кога Киев бара меѓународна поддршка за судирот со Русија во Црното Море.

Руската крајбрежна стража минатата недела отвори оган и заплени три украински брода во Керченскиот Теснец, а екипажот го уапси под обвинение дека нелегално ја минале руската граница.

– Украина не е дел од НАТО, но членките на Пактот ќе продолжат да и пружаат силна политичка поддршка и помош за модернизација на украинската армија, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг пред почетокот на средбата.

Тој уште еднаш ја повика Русија да ги ослободи украинските бродови и морнари, што ги задржа на 25 ноември во близина на Крим.

– Решително ги поддржуваме независноста и територијалната целовитост на Украина. Поради агресивните постапки на Русија кон Украина – незаконската анексија на Крим и настаните во Азовското Море – НАТО прогласи највисок степен на својата готовноста од крајот на Студената војна. Тоа е директен одговор на активностите на Русија кон Украина, истакна Столтенберг.

Тој нагласи дека НАТО е загрижен поради развојот на новиот руски ракетен систем и прекршувањето на Договорот за елиминирање на ракетите со среден и краток дострел од Европа.

Министрите за надворешни работи во Брисел ќе разговараат и за соработката на Алијансата со Грузија, трансатлантската безбедност и пристапот на НАТО кон Блискиот исток и Северна Африка. Високо на агендата се и Западен Балкан и безбедносната ситуација во Авганистан.

Утре, на вториот ден од средбата, Столтенберг, заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата на Западен Балкан.