Ристевски пред Пјонгчанг: Моја желба е пласман меѓу првите 30 во слалом


Со какви амбиции патувате на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг и што може јавноста да очекува од вас?

Во Ванкувер бев со Б-норма, во Сочи и сега во Пјонгчанг во А-норма. Некакви поголеми очекувања, реално, не можеме да имаме. Би било надвор од памет да зборуваме за медали или слично нешто. Моја лична желба е пласман меѓу првите 30, што отсекогаш е наша цел и во Светскиот куп. Истото важи и за настапите на олимпијадите.

Дали настап во рамки на вашето најдобро време сам по себе ќе значи и исполнување на мисијата?

Не знам дали евентуален настап во рамки на моето најдобро време би бил доволен за првите 30. Тоа ќе зависи од неколку фактори. Ќе треба среќа, да има многу излетувања. Здравје. Прво треба да се заврши трката, па потоа ќе гледаме за резултат. Најважна е желбата, а ако успеам да влезам во првите 30, ќе бидам најзадоволен.

Има ли разлика во однос на конкуренцијата меѓу трка на Олимпијада и во Светскиот куп?

Конкуренцијата на олимпијадите и во светскиот куп е истата. Разликата е што на олимписките игри не е толку масовна. Во Светскиот куп се соочувате со десет Австријците, десет Италијанци, пет-шест Швајцарци, а на олимписките игри е дозволен настап на максимум по четворица. Затоа се надевам дека би имал подобар стартен број, на пример 60. И во Сочи се надевавме на исто, но не излезе така и стартував како 82 во слалом.

Ова е ваша трета Олимпијада во кариерата. Како поминаа досегашните две искуства и кој е фокусот во Јужна Кореја?

Точно така. Дебито го имав во Ванкувер во 2010 година, настапив во Сочи во 2014 година и сега во Пјонгчанг. Во Ванкувер завршив како 50. во велеслалом со добро заостанување, а не завршив во слалом. Спротивно беше во Сочи. Паднав во велеслалом додека во слалом го освоив 29 место. Слалом, дефинитивно. Во таа дисциплина ја направив нормата.

Каква патека повеќе ти одговара? Помека или потврда, со природен или вештачки снег?

Во тој поглед нема што многу да се размислува и зборува. Секоја олимпијада, секој светски куп, секое светско првенство е се исто. Снегот секаде е вештачки. Замрзнување на патеката е нова, посебна технологија, а мене ми одговара да е потврда. Ако е помека и оштетувањето е поголемо. Не се сомневам дека ќе биде перфектно подготвена и замрзната со инјектирање на вода, но голема улога притоа ќе има температурата. Идеална ќе биде ако е минус три, минути четири, минус пет, што ќе создаде речиси исти услови за сите скијачи. Ако биде нула или во плус, тогаш со тек на натпреварот ќе се оштетува и за нас позади ќе биде многу тешко да постигнеме нешто повеќе.

С.Ѓ. Димовски