Референдумот не е избори
Ерол Ризаов
Ќе беше многу полесно ако немаше референдум и ако една генерација одговорни и храбри политичари, предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, со одлуки на парламентите на Македонија и Грција го ратификуваа договорот и ја презедоа одговорноста за разрешување на повеќедеценискиот спор и на тој начин ги отворија вратите за мир, добрососедство, партнерство и за поддршка на македонските евроатлантските интеграции. Стратегиската цел од витален интерес не може да биде осудена бидејќи е историски оправдана. Таквата определба цврсто се потпира на Уставот и на законите бидејќи има телеолошка првна димензија кога целта (телеос) е од пресудно значење за иднината на државата и на граѓаните.
Толкувањата на запирките и на точките, на тежината на отстапките, во тој случај не држат вода бидејќи договорот е општ генерички поим кој опфаќа сè и чија реализација е остварување на фундаментална цел за иднината на државата.
Предлози да нема референдум, да одлучува само Собранието, имаше, но за жал не беа прифатени затоа што определбите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ одамна беа соопштени како популистички понадици спакувани ѓоа за утеха на граѓаните дека нема да бидат заобиколени кога треба да се донесе конечната одлука. ВМРО-ДПМНЕ прва ја пласираше оваа своја определба заради намалување на тензиите кога водеше преговори со Грција. Стравот да не се загуби власта поради отстапки ги принудуваше политичарите на власт на криење зад граѓаните, демек, последниот збор ќе го дадат тие. Од друга страна, неприфаќањето на компромис со Грција носеше поени во јавноста, особено со заострување на односите со соседот пред секои избори и кај нас и кај нив. Социјалдемократите ја прифатија истата доктрина сосема непотребно уште кога беа во опозиција, под уплав да се придржуваат на највисокиот демократски чин да одлучува народот, што не е секаде подеднакво оправдано и секаде не значи дека референдумот е баш демократска определба. Особено се ризични референдумите во повеќеетничките општества, како нашето, ако постојано се напрегнати односите меѓу етничките заедници и ако нема меѓусебна доверба. Со секое јавно изјаснување на избори или на референдум лесно се предизвикуваат тензии, конфликтни ситуации и продлабочување на поделбите со националистички и шовинистички пораки и манипулации.
Колку беа оправдани да речеме референдумите во Швајцарија да не им се даде правото на глас на жените. Швајцарците, за жив срам на светот, последни во Европа, дури длабоко во 20 век, изгласаа право жените да гласаат. Тоа е некогаш цената на највисокиот демократски чин на изјаснување. Повиците за иселување на немакедонците и неправославните и „одземањето“ на правото да се изјаснуваат на референдумот се пуштени во оптек наголемо низ социјалните мрежи и партиски телевизии со отровен јазик на омраза.
Но, нејсе, да не плачеме за истуреното млеко – што е, тука е. Референдумот е распишан. Одиме на гласање. Ништо не може да се реши со лесно во Македонија, па ни повеќедецениската заедничка консензуална определба на сите парламентарни политички партии и на мнозинството граѓани за припаѓање на Европа и за членство во НАТО и во ЕУ. Само пред десетина дена Собранието донесе едногласна декларација на сите пратеници и од власта и од опозицијата дека цврсто стојат на определбите за членство во НАТО и во ЕУ. Но, очигледно, тоа не е доволно да се прифатат отстапките направени во договорот со Грција. Сега тежината на одговорноста само навидум е пренесена од политичарите и од Собранието и е префрлена на 1.800.000 граѓани, колку што се запишани во Избирачкиот список, кои треба да одлучат дали ќе дадат поддршка на договорот што е услов да се спроведе во дело и Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО. Или, пак, ќе се стопираат тие заеднички определби на мнозинството граѓани со бојкот на референдумот што е сосема различно од тоа ако мнозинството граѓани гласа дека договорот е неприфатлив, односно дека е неприфатливо да се стане членка на ЕУ и на НАТО со отстапките кои се неправни.
Со други зборови, сè е јасно ако мнозинството граѓани гласа „за“ или гласа „против“ и ако е исполнет цензусот во референдумското изјаснување. Тогаш одлуката во двата случаи е чиста и силно обврзувачка да се спроведе волјата на граѓаните. Ако претпоставиме дека над 800.000, или дури 900.000 граѓани гласаат „за“, а сепак, за малку цензусот не е исполнет поради бојкот, или неизлезеност, дали неуспешноста на референдумот ги стопира сите идни чекори на институциите на државата и договорот со Грција станува ништавен поради немање цензус. За да не се случи тоа, Собранието треба веднаш со одлука на мнозинството пратеници и со издржано правно образложение да го овласти претседателот на Собранието да ја потпише одлуката за ратификација на договорот бидејќи претседателот на државата одбива да ги изврши своите обврски. Ете, затоа, референдумот е консултативен. Во оваа фаза кога работите не се завршени и не може да биде поинаков освен консултативен.
Сосема друга работа што целиот амбиент за референдумско изјаснување е неповолен, полн со манипулации и валкани пропаганди со јазик на омраза, со лаги за содржината на договорот, кој со ништо не ги нарушува основните идентитетски придобивки на македонскиот народ. Ниту е изгубено името Македонија, ниту националната, ниту верската, ниту јазичната припадност. Сите се признаени со договорот. Останува името Македонија како суштина, останува македонскиот јазик како најсилно идентитеско обележје, останува националната припадност Македонец и македонското државјанство. Отстапките со додавка северна и други компромиси се многу помало зло од губењето на шансата да се биде дел од Европа и да се стане членка на НАТО и на ЕУ.
Референдумот дефинитивно не е избори и партиски натпревар кој ќе ја освои власта кои досега ги имаше на десетици пати и ќе ги има и натаму, туку историско изјаснување на граѓаните за иднината на Македонија. Шанса што е добиена првпат откако постои државата, со голема неизвеснот дали уште еднаш ќе се повтори, затоа најголема е одговорноста на Владата и на Собранието да се искористат сите уставни и законски можности да се остварат највисоките стратегиски цели и приоритети на државата. Тоа се членството во ЕУ и во НАТО.