Рената Петрова: На Оливер прво му бев пријател, па организатор на концерти


Кога ќе слеташе на скопскиот аеродром од родниот Сплит, хрватската музичка легенда Оливер Драгојевиќ (71) прво сакаше да оди во ресторан и да ужива во македонската храна, па да продолжи во хотел. Немаше никакви специјални барања. Ги сакаше обожавателите, ги почитуваше спонзорите и новинарите. Не се однесуваше како ѕвезда, туку беше човек со големо срце и душа. Таков ќе го паметам, вели Рената Петрова од туристичката агенција „Гуливер милс“ која веќе 20-ина години ги организираше концертите на Драгојевиќ во Скопје и низ Македонија.

– На мојата пријателка од Сплит за денешниот погреб на Оливер во Вела Лука на Корчула ја замолив од мене да фрли букет ружи во Јадранското Море додека мојот пријател со бродот патува до вечното почивалиште. Поради приватни обврски, не успеав да отпатувам во Хрватска, но мислите ќе бидат со него – раскажува Петрова.

Последен пат се виделе во Скопје, на ланскиот голем концерт на 4 март во ВИП-арената, заедно со Џибони.

– Се слушавме често по телефон, сакав да го посетам во Сплит, во јули додека бев на одмор во Хвар. Ми рече дека добро се чувствува, дека шета покрај море, дека ќе го победи ракот, само нема сила, најверојатно поради терапиите. Кога се јавив, еден од членовите на бендот „Њоко“ ми рече дека не е добар, дека е во болница. Потоа слушнав дека почина и срцето ми се стегна – вели Петрова.

Денес Хрватска ќе се прости од музичкиот великан. По негова желба, ќе биде погребан во најинтимниот круг на семејството. На Хвар Драгојевиќ секое лето уживаше во морето со семејството – сопругата и трите сина, ловеше риби и пловеше со својот брод. Тука ги компонираше своите евергрини, а заедно со Џибони, инспириран од нивната дружба на островот, го создадоа и нивниот заеднички албум „Фамилија“ кој лани го промовираа и пред македонската публика.

Соработката на Рената со Оливер почнува во далечната 1997 година. Првата средба била во Скопје, а следната во Загреб.

– Требаше да се сретнеме на терасата во хотелот „Еспленаде“. Имав голема трема. Не го познавав, само ги сакав неговите песни и одев на неговите концерти. Кога дојде, седна и веднаш ни тргна муабетот. Тремата ја снема, Оливер беше љубезен и културен и уште тогаш почувствував дека е човек со големо срце. На заедничко задоволство се договоривме дека ќе соработуваме. Договорот го потпишавме летото во Вела Лука, по негово барање.

– Излезе од бродот, со брада и со долга коса. Не го препознав веднаш. Ми рече: ‘Ваков сум на море. Не се бричам, не водам сметка за облеката. Само јас и морето’. Го потпишавме договорот дека јас ќе му ги организирам концертите во Македонија. Првата турнеја низ Македонија беше организирана следната година. Скопје, Охрид, Кавадарци, Гевгелија… И така дваесетина години – вели Рената.

Оливер, поради интерес на публиката, држел концерти речиси секоја година во Македонија. Најчесто во Скопје, а низ другите градови за време на летните фестивали.

– За неговите концерти секогаш се бараше карта повеќе. Последниот, лани, беше распродаден, една недела пред одржувањето, а влезниците за трите концерта во Универзална сала во 2009 година, се распродадоа за два дена. Универзална му беше многу драга зашто беше најакустична и беше поблизу до публиката – се присетува Рената.

Никогаш нема да го заборави ниту претпоследниот концерт на Оливер, во 2015 година, на плоштадот „Македонија“ за Нова година.

– Пееше на -20 степени. Неговите песни звучеа како симфонија на тоа ладно скопско време – вели Петрова.

Во Македонија секогаш доаѓал сам, без семејството, немал менаџер, само со бендот „Дупини“.

– Иако не поставуваше услови како ѕвезда, секогаш го сместував во апартмани, во најдобрите хотели. Последните шест години пиеше само вода, а претходно и по некоја чаша бело вино. Од македонската храна најмногу ги сакаше ајварот и селското месо, кое специјално му го подготвуваа во македонските ресторани. Пред почетокот на секој концерт имаа ритуал со бендот. Играа карти во неговиот апартман, па одеа на концерт. По концертот, пак продолжуваа со забави до утринските часови, најчесто со неговите гости Маја Оџаклиевска, Петар Грашо, Јасна Злокиќ, Кемал Монтено, Владо Георгиев, Дорис Драговиќ, Џибони, Влатко Стефановски, Калиопи – раскажува нашата соговорничка.

Во Скопје не престојувал кратко. Напротив, сакал да поседи три-четири дена.

– Не бегаше од обожавателите кога ќе го сретнеа, се сликаше со нив. Ги почитуваше прес-конференциите со новинарите, не избегнуваше интервјуа. Ги почитуваше и спонзорите и една вечер во Македонија се дружеше и со нив. Се сеќавам, една вечер, заедно со Грашо, доцна излегоа од еден скопски ресторан, а надвор истураше дожд. Оливер не сакаше да влезе во автомобил. Половина час на паркингот со бендот пееја на дождот. Потоа кога се вративме во хотелот, го виде клавирот, па седна да свири, до утрото – раскажува Рената.

За тоа колку биле пријатели зборува и фактот што заедно со Грашо во 2009 година го посетиле и нејзиниот дом во Скопје.

– Пред третиот концерт во Универзална свратија со Грашо на парче торта кај мене дома. Моите паднаа во несвест од радост. Пред десетина година, пак, јас го изненадив во Сплит на 60. роденден. Се собравме пријателите од регионот и му беше многу мило – ја заврши приказната Рената за големиот човек и музичар Оливер Драгојевиќ.

Лејла Сабит    Фото: Приватна архива