Рекорд на ЗОИ 2018: Вкупно 110.000 кондоми во Пјонгчанг


До почетокот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг нè делат седум дена, а веќе има рекорд во најава. Организаторите на настанот во Јужна Кореја ќе стават на располагање 110.000 бесплатни кондоми за 2.925 спортисти, или 37 во просек по човек, што претставува најголема бројка досега. Кондомите се производ на јужнокорејската компанија „Конвиниенс“, која ќе дистрибуира за 10.000 парчиња повеќе од игрите во Ванкувер во 2010 година и во Сочи во 2014 година.

„Ќе донираме кондоми од серијата „барунсенгкак“ за сите учесници со добра волја на Зимските олимписки игри и веруваме дека како репрезентативен бренд на Јужна Кореја ќе придонесеме за успешен и безбеден настап на спортистите“, изјави портпаролот на „Конвиниенс“.

За прес-центарот и новинарското село – 12.000 парчиња

Вредноста на донацијата од 100.000 кондоми „барунсенгкак“ е 100 милиони јужнокорејски вони (93,370 американски долари). Производите на „Конвиниенс“ се присутни на најголем дел од пазарот во земјата. Останатите 10.000 кондоми ќе бидат донација на асоцијацијата за заштита од СИДА на Јужна Кореја.

Организаторите најавија дека кондоми ќе бидат распределени во објектите за спортисти во олимписките села што беа отворени вчера. Во две, во Пјонгчанг и во Гангнеунг, ќе испорачаат по 40.000 парчиња од производот, а 12.000 кондоми ќе бидат ставени на располагање во главниот прес-центар и во новинарското село. Уште 18.000 производи се планирани за 59 спортски борилишта на кои олимпијците ќе атакуваат по медали и ќе може да се најдат во т.н. корпи за кондоми во тоалетите, истакнаа од организацискиот комитет.

Во Сеул во 1988 година – 8.500 кондоми, во Рио – 450.000

Олимписките игри се познати дека не прават никакви сексуални рестрикции за спортистите кои се наоѓаат во топ-физичка и психолошка форма за време на 17-дневниот настан. Праксата за донирање кондоми почна во 1988 година за време на Летните олимписки игри во Сеул, за што се дистрибуираа 8.500 парчиња. Оттогаш бројката е во постојан пораст за рекордот да биде достигнат на Олимпијадата во Рио де Жанеиро во 2016 година за што се испорачаа 450.000 кондоми за околу 10.500 спортисти од целиот свет.

Во меѓувреме, влијанието на сексуалните активности врз перформансот на спортистите беше постојана тема за дебата пред секои игри. Сексот, според едни, има позитивно значење за физичките способности за оние во топ-форма. Други, пак, развиваат теза дека сексуален однос пред настап е сличен со џогирање, додека трети сметаат дека сексот ги нарушува атлетските перформанси и менталната концентрација на спортистите.

На Зимските олимписки игри во Пјонгчанг ќе има и тројца спортисти од Македонија. Антонио Ристевски ќе настапи во алпско скијање во дисциплините слалом и велесламом, Ставре Јада во крос-кантри спринт на 15 километри и Викторија Тодоровска во крос-кантри трката на 10 километри.

Судот за арбитража во Лозана ослободи 28 руски спортисти

Ослободителна пресуда за 28 спортисти од Русија донесе Судот за арбитража (ЦАС) во Лозана. Руските олимпијци поднесоа жалба до Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за доживотните суспензии поради системски допинг на игрите во Сочи во 2014 година.
Со ова се суспендира првичната одлука, што значи и зелено светло за нив за настап на Олимпијадата во Пјонгчанг. Истовремено и нивните резултати што претходно беа поништени одново се важечки.

Во образложението на ЦАС се вели дека доказите против 28 руски олимпијци не биле доволно јасни за докажување допинг. Вкупно 43 спортисти од Русија добија доживотни суспензии за учество на ЗОИ, а на останатите им беше дозволено да настапат во Пјонгчанг како неутрални спортисти од Русија.

Продадени 75 отсто од влезниците

Организаторите на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг соопштија дека се продадени околу 75 отсто од билетите. Според Ли Хи-Бом, претседател на организацискиот комитет, купени се околу 800.000 билети од вкупно 1,07 милион и апелира на „итни мерки“ за зголемување на продажбата, особено за оние поскапите.

„Продажбата на билети достигнаа речиси 75 проценти, но остануваат многу од поскапите, па мора да преземе итни мерки за да ја зголемиме нивната продажба“, коментира Хи-Бом.

Дел од билетите достигнуваат цена од 750 евра, а најскапите за церемонијата на отворањето на игрите, која е закажана за 9 февруари, чинат 1.125 евра.

Путин до руските спортисти: Простете ни

Рускиот претседател Владимир Путин упати извинување до спортистите од Русија бидејќи земјата не успеала да ги заштити од одлуката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) да им забрани учество во Пјонгчанг под државното знаме. Притоа ја нагласи заложбата на неговата држава за чист спорт и дека новонастанатата ситуација е резултат на мешање на политиката.

„Двојно потешко е кога спортот ќе се помеша со некои други случувања кои се неприродни и туѓи за спортот, со политиката или уште со други нешта. Но двојно потешко е кога во држава, во случајот во нашата, во врска со тоа се создава комплексна јавна оцена и се слушаат најразлични спротивставени мислења. Тоа носи тешки услови за постигнување на резултати. Простете ни што не можевме да ве заштитиме од тоа“, рече Путин на средбата со руските олимпијци.