Рез за непотизмот во регулаторните тела


Построги и поконкретни критериуми за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на МРТ предвидува новата регулатива од оваа област, за која моментно сѐ уште тече јавна расправа. Законот за аудиовизуелни услуги, чија финална верзија наскоро ќе почне да се подготвува, најмногу ги заострува критериумите во делот на независноста и професионалноста на регулаторните тела, чии членови во иднина би се избирале со двотретинско мнозинство во парламентот.

На таков начин се очекува да се избегнат партизација и непотизам во овие тела, за што обвини вчера и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

„Одредени членови и на Советот на Агенцијата и на Комисијата на АЕК, како и на Програмскиот совет на МРТ се поранешни или сегашни високи партиски функционери, имаме меѓусебни роднински врски, имаме разни видови конфликти на интереси. Затоа влеговме во процес во кој даваме шанса независни професионалци и експерти да бидат членови на овие тела. Ние политичарите и политичките партии да ги тргнеме рацете конечно од независните регулаторни тела. И тука никакви други механизми нема да дадат резултат колку што ќе го даде контролата на јавноста“, рече Манчевски.

Главната цел на измените, како што рече, е процесот на номинација и на избор на кандидати за кој било од независните регулаторни тела да биде јавен и транспарентен.

– Граѓаните ќе знаат пред да се изврши изборот кои се кандидатите. Граѓаните ќе бидат вклучени во изборот на членовите, ќе има надзорна расправа во Собранието… Кој и да се кандидира за член на овие независни регулаторни тела ќе треба да излезе со име и презиме и со биографија. Да каже што направил до тогаш, да го презентира својот план за работа и сите тоа да го видиме и сите да ги знаеме тие луѓе – рече Манчевски.
Според Билјана Бејковска од НВО-инфо центарот, еден од најголемите предизвици наредниот период е, не само овие две тела, туку сите регулаторни тела треба да бидат независни од политичко-правни и економски центри на моќ.

– Потврда за ова е и нашето последно истражување на јавното мислење каде што поголемиот дел од граѓаните АВМУ и АЕК не ги перципираат како независни тела, туку сметаат дека нивните раководни лица се избрани заради блискоста со определена партија – вели Бејковска.

Според анкетата, во чие спроведување биле вклучени неколку невладини организации, за АВМУ слушнале нешто помалку од 20 проценти од граѓаните, а за Агенцијата за електронски комуникации околу 30 проценти. Завршниот извештај од мониторингот ќе биде употребен за приближување на надлежности на овие две регулаторни тела до граѓаните.

Од тоа кога ќе биде донесен новиот закон за аудиовизуелни услуги зависи и кога ќе бидат избрани новите функционери во Советот на АВМУ, како и во Програмскиот совет на МТВ. Проценките се дека целата процедура би завршила на почетокот на летото.

Владата ја посочи старата регулатива од оваа област како причина поради која на чело на јавниот сервис остана и стариот директор Марјан Цветковски, првично назначен во 2012 година – за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тој доби најмногу гласови при изјаснувањето во Програмскиот сервис на МРТВ, каде што сѐ уште се членови две поранешни пратенички на ВМРО-ДПМНЕ – Косана Мазнева-Николиќ и Јагнула Куновска. Здружението на новинари упатува на конфликт на интереси уште кај двајца членови на Програмскиот совет на МРТ – Снежана Клинчарова, поранешна портпаролка на општина Бутел и Агим Љека, поранешен амбасадор. Овие четворица, според ЗНМ, биле избрани на функциите спротивно на членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој лицата што во последните пет години биле носители на јавни функции не може да бидат избрани за членови на Програмскиот совет на јавниот сервис. Актуелниот директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, пак, пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт беше претседател на партиската комисија за телекомуникации. (А.М.М.)