Ракометно ЕП во Хрватска: Словенија како прв мост за Вараждин
Македонија против Словенија (сабота, 19,30 ч., пренос на ТВ Телма) го почнува петтото учество на Европските ракометни првенства. „Црвено-жолтите“ вчера пристигнаа во Загреб, за попладнево е закажан последниот тренинг во „Загрепска арена“ пред шестото соочување со „змајчеки“. Билансот е на страна на противникот кој има две победи (30:28 и 29:22) наспроти единствената радост на тимот што овојпат е предводен од Раул Гонзалез (28:27) и двата нерешени исхода (28:28 и 23:23).
Желбата за поправање на меѓусебниот скор е присутна кај најдобрите македонски ракометари кои, истовремено, нагласуваат дека нема безглаво да се тргне во порамнување на сметките. Интенцијата е задржување на мирна глава, движење од натпревар во натпревар и без императиви што би можеле да продуцираат и притисоци. И, секако, колективната игра, како најсилен адут, што селекторот ја нотира уште во првиот момент во хрватската престолнина.
„Можеби немавме доволно време за подготовки, но имавме доволно време да бидеме заедно. Сите сакаат да бидат дел од големи натпреварувања какво што е ова. Со нетрпение чекаме да почне“, порача Раул Гонзалез кој за првпат е во улога на предводник на национален тим на Европско или Светско првенство.
Словенечкиот селектор Веселин Вујовиќ е одличен познавач на приликите во македонскиот ракмомет со оглед на неговиот долг стаж на кормилото на Вардар. За турнирот во Хрватска го загуби Јуре Доленец, еден од најдобрите ракометари на Словенија, и, според последните информации, капитенот Вид Кавтичник кој би можел да се стави на располагање за вториот круг на континенталниот самит.
Но, ниту Гонзалез ниту, пак, македонските ракометари не се оптоваруваат премногу со ситуацијата во противничкиот ростер. Најважно е да изгледаат како целина, да одиграат тимски на сметка на индивидуалното во двата правца (одбрана и напад) за победнички вовед на шампионатот и за пласман во наредната, главна, фаза во Вараждин.
„Од начинот на кој ќе одиграме против Словенија и резултатскиот исход, се разбира, ќе зависи и натамошниот тек на првенството. Словенија е единствената наша мисла и фокус во моментот, потоа ќе размислуваме за останатите. Меѓутоа примарна цел на сите нас е да личиме на тим, да играме колективно без исклучок. Се надевам дека така и ќе биде“, истакна Гонзалез во гостување на отвореното студио на ЕХФ ТВ во Загреб.
Македонија пристигна во Загреб без проблеми со повреди. Немања Прибак беше поштеден во пријателските мечеви со Саудиска Арабија и со Србија, проблеми пријави и Филип Лазаров, но двајцата се очекува да бидат во комбинација за утрешната пресметка со Словенците која се очекува во една страшно позитивна атмосфера за чиј удел имаат и фановите кои, според најавите, ќе бидат околу 2,000 во Загреб.
Во рамки на групата Ц утре попладне (17,15 ч.) ќе играат уште бранителот на титулата Германија и селекцијата на Црна Гора која се перцепира како аутсајдер на хартија.
Европското првенство во Хрватска почнува денеска со четири меча. Во дербито на првиот натпреварувачки ден ќе играат Хрватска и Србија (петок, „Спаладиум арена“ во Сплит, 20,30 ч., ТВ Телма) во групата А што го носи и скандинавскиот судир (18,15 ч.) меѓу Шведска и Исланд.
Во истите термини, во Пореч, ќе играат Белорусија – Австрија (18,15 ч.) и Франција – Норвешка (20.30 ч.). (С.Ѓ.Д.)
Викендот на ЕП
Петок
Група А (Сплит)
Шведска – Исланд (18,15 ч.)
Хрватска – Србија (20,30 ч.)
Група Б (Пореч)
Белорусија – Австрија (18,15 ч.)
Франција – Норвешка (20,30 ч.)
Сабота
Група Ц (Загреб)
Германија – Црна Гора (17,15 ч.)
Македонија – Словенија (19,30 ч.)
Група Д (Вараждин)
Шпанија – Чешка (18,15 ч.)
Данска – Унгарија (20,30 ч.)
Недела
Група А (Сплит)
Србија – Шведска (18,15 ч.)
Исланд – Хрватска (20,30 ч.)
Група Б (Пореч)
Австрија – Франција (18,15 ч.)
Норвешка – Белорусија (20,30 ч.)
Досегашни финални мечеви на ЕП
1994 година (Португалија): Шведска – Русија 34:21
1996 година (Шпанија): Русија – Шпанија 23:22
1998 година (Италија): Шведска – Шпанија 25:23
2000 година (Хрватска): Шведска – Русија 32:31
2002 година (Шведска): Шведска – Германија 33:31
2004 година (Словенија): Германија – Словенија 30:25
2006 година (Швајцарија): Франција – Шпанија 31:23
2008 година (Норвешка): Данска – Хрватска 24:20
2010 година (Австрија): Франција – Хрватска 25:21
2012 година (Србија): Данска – Србија 21:19
2014 година (Данска): Франција – Данска 41:32
2016 година (Полска): Германија – Шпанија 24:17
Алушовски со најмногу настапи за Македонија
Стевче Алушовски е ракометарот за најмногу настапи за репрезентацијата на Македонија. Поранешното лево крило на Металург, на Вардар, на Пелистер и на Јафа Промет одигра 245 натпревари во „црвено-жолтиот“ дрес во кариерата. По него се Кире Лазаров со 160, Бранислав Ангеловски со 159, Ванчо Димовски со 119, Филип Миркуловски со 118, Борко Ристовски со 111 и Наумче Мојсовски со 108.
Лазаров топ стрелец со 1.203 гола
Кире Лазаров е најефикасниот ракометар на македонската репрезентација од формирањето. Капитенот досега има постигнато 1203 гола, втор е Алушовски со 967, а трет Бранислав Ангеловски со 392. На четвртото место по реализации е Филип Миркуловски со 296, Пепи Манасков има 264, Владимир Темелков има 243, Ванчо Димовски 226, Наумче Мојсовски 163, Милорад Кукоски 155, итн.
Капитенот како рекордер по бројот на голови и на ЕП и на СП
Кире Лазаров, покрај што е најефикасен играч во селекцијата на Македонија, го држи и рекордот по бројот на постигнати погодоци на едно ЕП. На турнирот во 2012 година што го организира Србија, македонскиот капитен постигна 61 гол во седумте одиграни натпревари на „црвено-жолтите“. Лазаров е рекордер и на Светските првенства. Мундијалот во Хрватска во 2009 година го заврши со 92 гола и единствен е со над 1.000 гола во Лигата на шампииони.