Разрешен министерот за внатрешни работи на Косово


Министерот за внатрешни работи на Косово, Бејтуш Гаши е разрешен од функцијата на барање на неговата партија, Алијансата за ново Косово (АКР) на вицепремиерот и шеф на косовската дипломатија Беџет Пацоли, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста во изјава за косовските медиуми ја потврди извршниот секретар на АКР, Рахим Пацоли, кој нагласи дека партијата поднела барање до премиерот Рамуш Харадинај за разрешување на Гаши и „сега зависи дали Владата тоа ќе го усвои“.

Разрешувањето на Гаши, според Рахим Пацоли, е поради неговите „слаби перформанси“ на чело на Министерството за внатрешни  работи.

– Секој министер на АКР треба да работи повеќе за доброто на народот, изјави Рахим Пацоли.

На местото на Гаши, според порталот „Газета Експрес“, ќе биде именува Екрем Мустафа, кој исто така доаѓа од партијата на Беџет Пацоли.

Гаши дојде на чело на косовското Министерството за внатрешни  работи во април годинава, на местото на Бајрам Сефај, од кого Харадинај побара оставка поради одговорноста за депортирање во Турција на шестмина турски државјани, кои турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги обвини дека се соработници на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад неуспешниот обид за преврат од јули 2016 година.

Косовското Собрание за случајот на „ѓуленистите“ формира анкетна комисија, а во медиумите и јавноста се претпоставува дека наредбодавач за тајната акција на косовските разузнавачки служби, кои и ги испорачаа на Турција шестмината турски државјани кои со семејствата живееја и работеа во Косово, е претседателот Хашим Тачи.