Протестите во Србија стануваат сè помасовни
За време на протестот „Еден од пет милиони“, кој во саботата се одржа во центарот на Белград, граѓаните го исполнија Студентскиот плоштад и улицата „Васина“, од каде што одеа на протестна прошетка во центарот на градот. Организаторите на протестот на барањата додадоа уште едно – разрешување на министерот за полиција Небојша Стефановиќ. Следниот протест е закажан за 5 јануари.
Според новинарите на Н1, имаше собрани повеќе граѓани од протестот минатата сабота. Учесниците на протестот свиреа со свирчиња и носеа транспаренти со натписите: „Нè има пет милиони“, „Доста лаги, пензионерите се гладни“, „Шетам, не сакам да заминам“…
Првиот се обрати актерот Бранислав Трифуновиќ, кој на собирот изјави дека ако прашале кој е организатор на протестот, тие да одговорат дека тоа е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи ако го немало него, немало да има протест.
Потоа, зборуваше новинарот Срѓан Шкоро, кој на граѓаните им посака среќна Нова година без Вучиќ.
Организаторите на протестите ги потврдија своите барања да се расветли убиството на Оливер Ивановиќ, откривање на сторителите на нападите врз новинари и опозициски личности, како и опозицијата да добие пет минути простор во Дневникот на РТС. На овие барања беше додадено уште едно – отстранување на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.
Претседателот на Здружението на семејствата на киднапираните и убиени во Косово и Метохија, Сима Спасиќ, ја чекаше колоната пред РТС со транспарент „Режимот на ДОС ослободи 2.000 албански терористи и ги продаде српските генерали во Хаг“.
Него го опкружи обезбедувањето на протестот, додека колоните на демонстрантите поминаа.
Кај државната телевизија беше пуштена снимката од изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ во која тој рече дека нема да исполни ниту едно барање, дури и ако се собрани пет милиони луѓе, а потоа беше раширен транспарентот „Започна“.
Веста за овој протест беше објавена во 13. минута на Дневникот на РТС.
По РТС, колоната запре пред телевизијата Студио Б, каде што претседателот Вучиќ вечерта гостуваше. Демонстрантите го повикаа претседателот на Србија да излезе и да ги преброи.
„Изброи нè Вучиќ“, извикуваа илјадници луѓе.
Меѓу собраните беа многубројни јавни личности и претставници на опозицијата, меѓу кои и Борко Стефановиќ, Душан Петровиќ, Небојша Зеленовиќ и други.
Првите протести првично беа организирани поради нападот на лидерот на српската левица Борко Стефановиќ, но во меѓувреме прераснаа во пошироки граѓански протести. (Н1)